ДУИ повикува на предвремени избори, а изговорот им е загриженост за европската иднина
ДУИ повторно бара одржување на предвремени парламентарни избори, истакнувајќи дека тие се неопходни за спас на европската иднина на земјата и за враќање на довербата кај граѓаните. Но, ДУИ по секоја цена сака да избега од одговорност за корупцијата со идеја дека може да се докопаат до власт и заштитат на тој начин
Во официјалното соопштение од партијата, ДУИ оценува дека актуелната Влада се соочува со највисоко ниво на скандали, криминал и корупција, што според нив, ја претвора во „симбол на неуспех“.
-
„Процесот на европска интеграција е блокиран, а нападот врз Охридскиот договор предизвика тензии во меѓуетничките односи, што ја доведе внатрешната стабилност на земјата во сериозен ризик. Ова ја потврдува неспособноста на Владата да ги реши клучните предизвици и ја нагласува итната потреба за промена на политичкиот правец“, наведуваат од ДУИ.
Ова не е првпат ДУИ да бара предвремени избори. Во претходните изјави, тие предлагаа предвремените парламентарни и локални избори да се одржат заедно, за да се намалат финансиските трошоци за нивно спроведување.
Одговорот на Мицкоски – граѓаните ќе го дадат својот збор на локалните избори
На барањето на ДУИ за предвремени избори реагираше премиерот Христијан Мицкоски, кој ја истакна важноста на локалните избори како мерило за довербата на граѓаните.
-
„Избори ќе има само ако владејачката коалиција ги изгуби локалните избори“, изјави Христијан Мицкоски, посочувајќи дека локалните избори ќе бидат показател за расположението на граѓаните.
Тој посочи дека во повикот на ДУИ гледа обид за дефокусирање на јавноста и создавање поделби по етничка основа, но додаде дека граѓаните ќе имаат можност да го искажат својот став на локалните избори.
-
„Доколку оваа Влада биде поразена на локалните избори, логично е потоа да следуваат предвремени парламентарни избори. Но, ако опозицијата биде поразена на локалните избори, очекуваме конечно да се посветат на своите внатрешни прашања“, изјави Мицкоски.
Мицкоски посочи дека тековните истраги за криминални активности се во тек и дека наскоро ќе има повеќе информации за случаи поврзани со поранешни функционери на ДУИ.
-
„Потврдите за коруптивното однесување на оваа политичка структура, која повеќе од 20 години е активна, постојано пристигнуваат. Во тек се истраги за високи поранешни функционери на ДУИ, а наскоро јавноста ќе има јасна слика за вистинските намери на актуелното раководство на партијата“, посочи Мицкоски.
Контекст на политичката ситуација и поврзаност со САД санкциите
Барањето на ДУИ за предвремени избори доаѓа во период кога САД воведе санкции за поранешниот вицепремиер и најблизок соработник на Али Ахмети – Артан Груби. Груби беше ставен на црната листа на САД поради наводи за значителна вмешаност во корупција.
Покрај ова, ВМРО-ДПМНЕ и коалицискиот партнер Вреди истакнаа дека нема потреба од одржување на предвремени парламентарни избори, бидејќи владејачката коалиција е стабилна и, според нив, нема потреба да се трошат дополнителни финансиски средства за изборен процес.