Поддршка од здруженија и политички партии
Повиците за бојкот на големите маркети во петок добија дополнителна тежина откако иницијативата ја поддржаа граѓански здруженија, активистички движења и политички партии. Целта е, по примерот на Хрватска, да се изрази револт против високите цени на основните прехранбени производи и да се изврши притисок врз големите трговски ланци.
Летоци по влезовите во зградите
Освен на социјалните мрежи, утринава многу граѓани во поштенските сандачиња најдоа летоци со повик за бојкот. Организаторите се надеваат дека масовното непазарење ќе има ефект и ќе доведе до промени во ценовната политика на маркетите.
Отпорот се шири низ регионот
Во земјите од регионот веќе се спроведуваат слични акции. Хрватска минатиот петок организираше успешен бојкот, а сега се разгледуваат порадикални мерки, вклучително и неделен бојкот на маркетите. Во Србија, организацијата „Ефектива“ повика на бојкот на четири големи трговски ланци, обвинувајќи ги за манипулации со цените.
Бојкоти се најавуваат и во Босна и Херцеговина, како и во Словенија, што покажува дека незадоволството од растечките трошоци за живот станува регионален феномен.