Очекувања од стопанските комори од унгарскиот заем

Бизнис заедницата активно подготвува проекти и со нетрпение ја очекува финализацијата на процедурата за пристап до евтините кредити од заем кој доаѓа од Унгарија. Стопанските комори очекуваат дека Развојната банка наскоро ќе ги потпише договорите со комерцијалните банки. Откако ќе се потпишат договорите се очекува да започне процесот на аплицирање и анализа на проектите.

Горан Ѓорѓиевски од Сојузот на стопански комори (ССК) нагласува дека е позитивно што акцентот се става на производствените капацитети и што се проширува опфатот на поддршката.

Поддршка од стопанската комора на Македонија

И од Стопанската комора на Македонија го поздравуваат овој чекор и сметаат дека завршната фаза нема да трае долго.

„Очекуваме дека последната фаза ќе оди без проблеми, сметаме дека банките нема да бидат кочници, парите брзо ќе бидат ефектуирани. Чекаме да бидеме информирани за критериумите,“ – изјавија претставници од комората во телефонски разговор за Алфа.

Компаниите истакнуваат дека со овие евтини кредити ќе се поттикне инвестицискиот циклус и дека државата треба да продолжи со вакви мерки и во иднина.

Бизнисот, граѓаните и општините добиваат „свежи пари“: До крајот на неделава целосно дефинирани условите за унгарскиот заем

Подолг рок на отплата како клучна предност

Бизнис секторот ја истакнува важноста на подолгиот рок на отплата, кој сега изнесува 15 години, што го сметаат за значајно подобрување.

„15 години рок на отплата е пробивање на мразот. Досега комерцијалните банки ги спакуваа кредитите во 10 години. Сметаме дека за стратешки проекти може да се оди и на 20 години. Има интерес за овие кредити и се надеваме дека ќе има доволно финансии,“ – вели потпретседателот на ССК, Горан Ѓорѓиевски.

Владата очекува инвестициски бран од 300 милиони евра

Премиерот Христијан Мицкоски очекува договорот со развојната банка и комерцијалните банки да биде потпишан во наредните денови. Ведна потоа парите ќе влезат во стопанството.

„Очекувам ова да помогне и да создаде инвестициски бран од минимум 300 милиони евра. Дополнително, проектите во општините ќе реализираат капитални инвестиции од 250 милиони евра. Со странските инвестиции, кои очекувам да надминат една милијарда евра, ќе бидеме лидери во регионот по инвестиции по глава на жител и како процент од БДП,“ – изјави премиерот.

Детали за унгарскиот заем

Владата на Македонија се спогоди со владаа на Унгарија. Договорот за заем со Унгарската експорт-импорт банка беше потпишан во октомври 2024 година во Будимпешта.

  • Вкупен износ: 500 милиони евра
  • Каматна стапка: 3,25%
  • Период на отплата: 15 години
  • Грејс период: 3 години
  • Наменетост:
    • 250 милиони евра за бизнис секторот
    • 250 милиони евра за општински проекти

Бизнис заедницата очекува брзо спроведување на процедурата и навремено информирање за критериумите за аплицирање, за што Владата најавува транспарентност и ефикасност во процесот.