Вчера полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција-Сектор за недозволена трговија со дрога, Специјалната антитерористичка единица – Тигар и Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал пресекоа меѓународен канал за транспорт на марихуана од Република Албанија во Република Македонија во количина од околу 200 килограми и приведоа две лица, соопшти денеска портпаролот на МВР Тони Ангеловски.
-По претходно преземени мерки кон Ш.А. (23) од с.Ливада, Струга, кој од претходно и е познат на полицијата како транспортер на дрога и кој бил задолжен да ја презема дрогата од Албанија и потоа да ја транспортира до различни места во државата, вчера (20.03) околу 13 часот, на патот кон село Манастирец, Кавадарци полициски службеници дале знак за запирање на возило „ауди а6“ со струшки регистерски ознаки, управувано од Ш.А. (23), но тој не застанал и се дал во бегство, при што оштетил три полициски возила, а било употребено и огнено оружје, по што Ш.А. бил фатен и лишен од слобода, рече Ангеловски. При преглед во возилото биле пронајдени седум големи торбици во кои биле сместени 180 полиетиленски пакувања со различна форма во кои имало марихуана .
Од МВР додаваат дека со дополнително преземени активности во врска со овој случај, на бензинска пумпа на магистралниот пат Росоман – Прилеп е лишен од слобода и Н. А. (41) од село Зајас, Кичево, кај кого е пронајден и пиштол „Парабелиум“ 9 мм, без дозвола. По претходна издадена наредба за претрес во дом од страна на Судија на претходна постапка од Основен суд Кичево бил извршен претрес во домот на Н.А., при што бил пронајден уште еден пиштол марка „ТТ“ со 32 куршуми калибар 7.62 мм. Приведените беа предадени на надлежното обвинителство со соодветна кривична.
Од Основното јавно обвинителство Кавадарци велат дека донеле наредба за спроведување истражна постапка против две лица, на возраст од 23 и 41 година, а надлежниот јавен обвинител достави предлог за определување мерка притвор.
-За првиот, жител на струшкото село Ливада, постои основано сомнение дека сторил кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, како и „предизвикување општа опасност“. Вториот, жител на кичевско Зајас, е осомничен дека ги сторил кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“, како и „фалсификување исправа“, велат од ОЈО.
Како што информира ОЈО, во текот на месецов двајцата заедно неовластено набавиле наркотична дрога – марихуана со вкупна нето маса од околу 180 килограми, спакувана во 7 торби во кои имало 180 најлонски пакувања. Дрогата наменета за продажба неовластено ја држеле на неутврдено место, па на 20 март, со автомобил со струшки регистарски ознаки ја пренеле од Скопје во селото Манастирец, Росоман каде биле откриени од полициски службеници.
-Откако полицајците му дале јасни и недвосмислени светлосни и звучни знаци да застане со автомобилот, првиот осомничен не ја почитувал наредбата и продолжил да се движи, оштетил три службени возила на МВР и значително го загрозил животот на полициските службеници кои ги издавале наредбите за застанување. Вториот осомничен, пак, без дозвола набавил и кај себе држел огнено оружје – пиштол марка „Парабелум“ со калибар од 9 мм, како и рамка со 10 куршуми за тој пиштол. Исто така, преправил вистинска јавна исправа – полициска службена легитимација на друго име, на која ставил своја фотографија со намера да ја прикаже како вистинска. На критичниот ден, на полициските службеници кои ги запреле тој лажно им се претставил како полициски инспектор, при што ја употребил фалсификуваната службена легитимација, соопшти ОЈО.
Поради опасност од бегство, можност да влијаат врз постапката и да го повторат делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кавадарци достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.