Екс-директорот на УБК – Сашо Мијалков нема да се гони за кривично дело поради неговата недостапност – односно бегство. Обвинителство констатира дека нема основ за јавнообвинителска одлука од причина што не е утврдено постоење на кривично дело што се гони по службена должност.
Во обемниот допис до медиумите се објаснува дека била спроведена предистражна постапка – обезбедени биле видео снимки и телефонски разговори за 54 телефонски броеви. Сослушани биле 37 лица, меѓу кои министрите за правда и внатрешни работи, директорите на АНБ и БЈБ, премиерот, јавниот обвинител, јавната обвинителка Русковска, претседателот на скопскиот Основен суд, извршени биле и полициски разговори со дополнителни 20 лица.
Имајќи ја предвид околноста дека телефонот на С.М. се гаси во моментот кога на врата доаѓаат полициските службеници и до тој момент телефонот зрачи на базната станица која го покрива неговиот дом, околноста што обвинетиот бил под полициска присмотра во тоа време и не бил забележан како го напушта домот, како и околноста дека е поминат извесен временски период од доаѓање на полициските службеници пред домот на обвинетиот до нивно влегување во домот, во кој временски простор обвинетиот можел непречено да се оддалечи од домот, јавниот обвинител најде дека во конкретниот случај веројатноста дека на С.М. му е соопштена информацијата дека против него се бара мерка притвор е многу мала.
Единствена слабост која јавниот обвинител ја утврдил за време на истрагата е недостакот на меѓу институционална комуникација.
Непосредно пред да ја чуе пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“ Мијалков не беше достапен за јавноста 2 дена, а и самиот тврдеше дека не избегал туку бил во изолација.
Во случајот „Таргет-Тврдина“ Мијалков е осуден на 12 години затвор, а за случајот „Трезор“ месецов доби уште осум години затвор. До правосилноста на пресудите се наоѓа во затворот во Шутка.