На состанокот, со кој претседаваше германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас, се дебатираше и за тековните процеси на подготовка на регионални договори за признавање на професионални и академски квалификации и слободно движење и работа во регионот како и иницијативата за проширување на зелените коридори со ЕУ.
-Поминавме долг пат и заедно постигнавме значителни резултати во областите на меѓусебна соработка – да бидеме економски, политички, безбедносно и социјално поврзани. Агендата за поврзаност, што беше во сржта на процесот, еволуираше во меѓусебната поврзаност во многу поширока смисла, надвор од инфраструктурната. Вклучувањето на земјите од Западен Балкан во активен и динамичен пристапен процес целосно ќе ги ангажира општествата во создавање на нови вредности, напредок и позитивна конкуренција. Регионалната соработка, станува сè поважна – да се демонстрира сопственост и заедничко политичко лидерство. Ние сме релативно мали економии, но заедно сме силни. Фактот дека имаме наши разлики и различни ставови, не ја исклучува далеку поблиската соработка во сите секторски области поврзани со ЕУ, истакна Османи.
Во продолжение тој се осврна на минатогодишното заедничко претседавање со Бугарија со Берлинскиот процес, како позитивен пример на добрососедство и билатерална соработка, што кулминира на Софискиот Самит од кој произлегоа повеќе иницијативи и се отворија нови полиња за соработка во Регионот.
Османи на состанокот ја претстави идејата на Северна Македонија за размена на млади дипломати во Регионот насочена кон поврзување и зајакната соработка на следната генерација дипломати, а со цел кон натамошно помирување, градење доверба и рушење на меѓусебните бариери. Исто така, информираше и за неодамнешната иницијатива за отпочнување на неформална платформа за политичка соработка – Балкан 6 (Б6) во формат на министри одговорни за надворешни работи, наменета за продлабочување на соработката и врските меѓу земјите од регионот во области од заеднички интерес.
-Искуството покажа дека кога се консултираме едни со други пред разни состаноци, имаме поголемо влијание врз прашањата од наш заеднички интерес. Искрено верувам дека одржувањето на редовни состаноци и координација ќе станат правило, а не исклучок меѓу нас, нагласи Османи.
Покрај министерот Османи, на состанокот учествуваа министрите, учесници во процесот од земјите од Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора и земји членки на ЕУ: Австрија, Бугарија, Грција, Италија, Полска, Словенија, Франција, Хрватска, како и Обединетото Кралство, а свое обраќање имаше и еврокомесарот за проширување и соседски политики, Оливер Вархеји.
Од МНР истакнуваат дека германското претседателство продолжува со напорите за испорака на натамошни резултати во однос сите иницијативи започнати во рамките на Берлинскиот процес кои треба да се презентираат на Берлинскиот Самит закажан за 5 јули оваа година, а со кој ќе претседава германската канцеларка Ангела Меркел.