На силните врски што ги обединуваат Грција и САД, како и на воената соработка меѓу двете земји се осврна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на посетата на американскиот носач на авиони USS Dwight D. Eisenhower што пристигна во базата Суда на островот Крит, јави дописничката на МИА од Атина.
-Воената соработка САД- Грција се наоѓа на особено високо ниво. Базата во Суда е единствена која може да прими американски бродови од оваа големина, со оглед на тоа дека нашата земја ги зајакнува и инвестира во вооружените сили, а воената соработка со Соединетите Американски држави стекнува се поголема важност, истакна Мицотакис.
Се задржа и на 200-годишнината од почетокот на грчкото востание за независност и на врските со САД, за кои рече дека „не се само општествени, политички и економски врски, туку пред се се вредносни врски“.
-Врските што ги обединуваат двете земји се посилни од било кога и сакам да ја искористам можноста да му се заблагодарам на американскиот претседател Џо Бајден за многу топлата порака со која ги поздрави 200-те години од почетокот на грчкото востание, рече Мицотакис.
За време на посетата, грчкиот премиер беше информиран за оперативните можности на носачот на авиони, го посети делот се воените авиони F/A-18, како и местото каде што се чува хеликоптерот MH-60R „Romeo“, а Грција веќе има потпишано договор за набавка на седум вакви хеликоптери, во првата фаза кон средината на 2022 година, четири, а потоа и останатите три.
Мицотакис се сретна и со американскиот амбасадор во Грција Џефри Пајат, кој рече дека „поддршката на Грција е неопходна за присуството на САД во Источниот Медитеран“.