Хелсиншкиот комитет за човекови права и слободи кој го побарал вонредниот надзор, ги чека резултатите од истрагата и од снимките од безбедносните камери во затворот и најавува дека ако се потврдат наводите на осуденикот, ќе поднесе кривична пријава против командирот за тортура и нехумано постапување.
Ова осудено лице, според пријавата, во моментот кога било нападнато од командирот, ја издржувало казната во отвореното одделение на КПУ Затвор Битола. Само затоа што повикал Итна медицинска помош по ќотекот што му го удрил командирот, со решение на затворската управа е вратен во полуотвореното одделение, наведува Хелсиншкиот комитет во својот извештај.
– Осудено лице кое издржува казна затвор во КПУ Затвор Битола се обрати до Хелсиншкиот комитет за човекови права поради претрпена тортура и нечовечко постапување од страна на командир, вработен во казнено-поправната установа. Имено, лицето наведе дека откако ја побарало својата медицинска терапија, командирот без претходна причина, веднаш почнал да го тепа. Го тепал по главата и телото. Со неколку удари му нанел видливи телесни повреди на лицето и на ребрата. Настанот го посведочиле неколку други осуденици во затворот кои повикале итна медицинска помош и направиле фотографии од повредите на осуденото лице. Медицинските лица му ставиле инјекција на осуденото лице поради болките предизвикани од физичкиот напад, вели Ина Џугуманова од Хелсиншкиот комитет за човекови права и слободи.
Џугуманова вели дека ова се наводите на осуденото лице и затоа од Управата за извршување санкции е побаран официјален одговор за бруталниот напад од страна на командирот, но дека повеќе од два месеца нема одговор од таму. Хелсиншкиот комитет ја нема ни медицинската документација од натепаниот затвореник. Оттаму велат дека им требаат и снимките од камерите од целиот настан, но и нив ги немаат. Од Управата побарале за настанот да бидат известени МВР и Јавното обвинителство.
По настанот, на еден од затворските полицајци му текнало да побара да се поведе дисциплинска постапка, но не против неговиот претпоставен што го натепал затвореникот без причина, туку против натепаниот.
– На барање на припадник на затворската полиција е поведена постапка за дисциплинско казнување на осуденото лице кое било физички нападнато од страна на командирот. Со решение донесено од страна на управата на казнено-поправната установа на осуденото лице, му била изречена дисциплинска казна – самица во траење од 5 дена поради наводно одбивање да прими медицинска терапија и за недозволиво повикување на Итна медицинска помош од други осудени лица со тоа што тој сторил полесна повреда во установата. Како резултат на наводно сторената полесна повреда во установата, од страна на управата на затворот е донесено и Решение за негово регресирање од отворено одделение група А во полуотворено одделение група Б, наведува Џугуманова.
За проверка на овие наводи и целосно истражување на овој настан, Хелсиншкиот комитет за човекови права заедно со Македонското здружение на млади правници до Управата за извршување на санкции поднела барање за спроведување на вонреден надзор. Од Управата било побарано да бидат преземени сите неопходно мерки и дејствија како прибавување на видеоснимките од затворот, лекарската потврда издадена од Итната медицинска помош како и да биде обавен разговор со оштетеното лице и сведоците на настанот, за правилно утврдување на фактичката состојба и евентуално покренување на постапка пред Основното јавно обвинителство за гонење и истражување на кривични дела сторени од страна на лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција против командирот.
САКАМДАКАЖАМ.МК се обрати до директорот на Управата Марјан Спасовски за нападнатиот осуденик од командирот во затворот Битола. Тој потврди дека има истрага за таков настан и дека деновиве таа завршува.
– Ова е сериозен случај, се земаат изјави од сведоци на настанот, се прегледуваат безбедносните камери. Темелно се истражува случајот, се врши вонреден надзор од Управата за извршување на санкциите, зашто тука се бара да се утврди вина. Уште неколку дена истрагата ќе биде завршена, ни изјави директорот Спасовски.
Осудените лица од сите казнено-поправните установи во Македонија постојано се обраќаат до Хелсиншкиот комитет со поплаки, а оттаму стручни лица спроведуваат онлајн совети на затворениците што се жалат на нарушени човекови права и слободи зад решетките.
Претепаниот затвореник од командирот на битолскиот затвор не се јавил, случајот во Хелсиншки го пријавил затвореник-очевидец на бруталното тепање.