Во Лондон, веројатно секој десетти жител е заразен со ковид-19, покажуваат најновите официјални податоци кои го покажуваат немилосрдното ширење на варијантата омикрон, пишува Ројтерс.
Дневните проценки на Канцеларијата за национална статистика открија дека од неделата околу 9,5 отсто од жителите на Лондон имале ковид-19.
Бројките беа проценети еден ден откако Британија забележа рекорден број на нови случаи на коронавирусот, додека варијантата омикрон ја зафати целата земја, со дневен број од 119.789 заразени, за разлика од 106.122 во претходниот ден.
Извештајот на ОНС, исто така, покажа рекордни бројки – 1 од 35 луѓе во Англија имале ковид-19 помеѓу 13-ти и 19-ти декември – во споредба со претходната проценка објавена во четвртокот, кога болеста била присутна кај секој 45-ти човек.
Многу компании како транспортни мрежи па и болниците се борат со недостиг на персонал бидејќи болните работници се изолираат.
Поради брзото ширење на омикронот, вкупниот број на заразени во Британија во изминатите седум дена се зголеми за 678.165, покажаа владините бројки во четвртокот.
Додека конзервативната влада на премиерот Борис Џонсон се бори да го ограничи економското влијание на ковид пандемијата, таа во средата објави дека го намалува правниот период на самоизолација во Англија од десет на седум дена.