Поради појавата на сојот „омикрон“, како и во целиот свет и во Израел, зголемен е бројот на заболени од ковид, изјави шефот на Одделот за меѓународни односи при Министерството за здравство на Израел, Ашер Салмон, истакнувајќи дека до 200.000 тестови дневно на девет милиони жители беа направени минатата недела.
– Звучи невозможно, но тоа е така – изјави Салмон за време на онлајн брифингот на тема „Израел во борбата против Ковид-19 – „омикрон“ и четвртата доза од вакцината“, пренесе Танјуг.
Салмон наведува и дека има одреден број на асимптоматски случаи и дека сојот „омикрон“ предизвикува поблага форма на болеста, но предупредува дека вирусот сепак не е безопасен.
– Се чини дека поради бројните мутации на вирусот, короната предизвикува полесна форма на болеста и дека „омикрон“ повеќе останува во горниот респираторен систем отколку што ги напаѓа белите дробови, што го видовме на почетокот на пандемијата кога клиничките слики беа потешки. Сепак, тоа не значи дека вирусот е безопасен – изјави Салмон.
Тој додава дека дури и секој петти пациент да заврши во болница, како што се гледа во претходните бранови, тоа значи дека Израел ќе има голем број хоспитализации во рок од две недели.
Салмон напоменува дека може да се промени и системот за тестирање, со оглед на тоа што поради големиот број тестирани на дневна основа, резултатите од ПЦР тестовите се чекаат и до четири дена.
Затоа, како што вели, во Израел се смета дека луѓето кои имаат помал ризик да добијат потешка форма на ковид, а тоа се помладите, се тестираат главно со антигенски тестови.
– Но, таквиот пристап има ограничувања, бидејќи е помалку прецизен од ПЦР тестот – додаде тој.
Што се однесува до вакцините и долготрајната заштита, Салмон наведува дека ќе се испита бројот на вакцини кои се потребни за соодветна заштита и додава дека верува дека една доза годишно ќе биде доволна.
– Тоа е оптимистички поглед на ситуацијата, но мислам дека вакцината би можела да се прими наесен и тоа ќе биде доволно – изјави Салмон.