Крајно парадоксално е што жртвата на семејно насилство е гонета од Јавното обвинителство како извршителка на семејно насилство – реагираат од Платформата за родова еднаквост откако на 36-годишната В.И., која минатата недела ги усмрти сопругот и свекорот во семејната куќа во Кратово, Обвинителството ѝ одреди притвор наведувајќи дека се работи за убиство со умисла.
„Сметаме дека во конкретниов случај станува збор за акт на самоодбрана, односно за институтот нужна одбрана, а не за сторено кривично дело ‘убиство со умисла’, како што тврди Јавното обвинителство во своето соопштение“,реагираат од Платформата за родова еднаквост.
Од Платформата се повикуваат на соопштението на Обвинителството во кое се наведува дека на убиството му претходела вербална расправија, а оти потоа сопругот почнал физички ја напаѓа осомничената, ја удирал со тупаници во главата и телото, а потоа почнал да ја дави. Жената потоа отишла до кујната и со кујнски нож го пробола сопругот, а потоа и неговиот татко.
„Оттука произлегува дека осомничената В.И. од Кратово самата била жртва на семејно насилство“,оценуваат од Платформата.
Постапувањето на Обвинителството, како што посочуваат од Платформата, многу наликува на случајот со Пале Иловска од Велес која, исто така, беше жртва на семејно насилство и како акт на самоодбрана го уби насилникот.
„Слично како во овој случај, и неа Обвинителството ја гонеше за ‘убиство на миг’. Судот тогаш правилно донесе ослободителна пресуда. Платформата за родова еднаквост бара Судот да постапува со должно внимание во овој предмет и да ги разгледа сите решителни факти. Иако судската пракса не е задолжителна, бараме Судот да ги земе предвид принципите утврдени со ослободителната одлука во случајот на Пале. Особено треба да се има предвид историјата на насилството и малтретирање врз жртвата и да се земе предвид дека и децата биле жртви на семејно насилство, како и институционалниот пропуст да ја заштитат жртвата, оставајќи ја сама да се брани“,велат од организацијата.