Железничката линија Скопје – Куманово повторно оперира

Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски, гостувајќи на Сител телевизија, објави дека повторно е воспоставена железничката линија Скопје – Куманово. По долг период на целосен застој, граѓаните конечно добија брз и ефикасен превоз помеѓу двата града.

„Ситуацијата во македонските железници беше исклучително лоша. Точно е дека Македонија имала возови уште во 19 век, за време на Османлиското Царство, а во 21 век остана без нив. Но, сега повторно имаме функционален возен систем“, изјави Николоски.

Новата линија овозможува патување од Скопје до Куманово за 41 минута, што е значително побрзо од автобускиот превоз, кој трае околу час и 15 минути, како и од патувањето со автомобил, кое вклучува дополнително време за паркинг и евентуални застои во сообраќајот.

Железничкиот сообраќај во Македонија се враќа во функција: Од 0 до 6 патнички и 8 карго локомотиви

Министерот Николоски нагласи дека пред само една година, Македонија немаше ниту една активна локомотива, што ја правеше земјата невидлива за меѓународниот карго транспорт.

„Со претходната влада, македонските пруги беа нефункционални – имавме 26 товарни композиции, но без локомотиви да ги извлечат. Поради тоа, карго компаниите беа принудени да патуваат 350 километри повеќе преку Бугарија, а патничкиот сообраќај беше речиси непостоечки“, објасни тој.

Денес, ситуацијата е значително подобрена:

  • 6 активни патнички возови
  • 8 активни карго локомотиви

Ова, според министерот, овозможува пристоен железнички сообраќај и создава основа за понатамошен развој.

Планови за нови железнички линии

Министерството за транспорт и врски работи на обновување и проширување на железничката мрежа низ државата. Според Николоски, се планираат почести возови кон Битола и Прилеп, како и воведување меѓуградски линии до Тетово, Гостивар, Штип и Кочани.

Значително зголемен карго и патнички сообраќај

Во однос на економските резултати, министерот откри дека споредбата меѓу последното тримесечје на 2024 со 2023 покажува:

  • 75% зголемување на карго транспортот, кој носи најголеми приходи за железницата.
  • 37% зголемување на бројот на патници.

„Се разбира, ова е далеку од идеално, но за само 6-7 месеци направивме голем напредок. Во годините пред нас ќе работиме уште повеќе за целосна модернизација“, додаде Николоски.

Градење на железничката врска кон Бугарија

Министерот ја истакна важноста на железничката врска со Бугарија, како клучен дел од Коридорот 8.

„Се заврши првата делница од 31 км од Куманово до Бељаковце. Активно се работи на втората од 34 км од Бељаковце до влезот на Крива Паланка, а очекуваме наскоро да го решиме и третиот дел во договор со бугарската влада“, изјави Николоски.

Во однос на односите со Бугарија, тој потенцираше дека разговорите сега се водат на техничко, а не на политичко ниво.

„Минатото лето ги истакнав техничките проблеми со пругата, но темата се политизираше. Сега, Бугарија беше во предизборен период, страстите се смирија и сфатија дека сме во право. Формиравме комисија со Министерството за финансии и Македонски железници, и бараме јасна заложба од Бугарија за инвестирање во проектот“, објасни тој.

Три клучни барања во преговорите со Бугарија

Македонската страна инсистира на три основни услови за завршување на пругата кон Софија:

  1. Изградба на комплетен тунел, а не половичен, како што беше првично планирано.
  2. Бугарија да го заврши својот дел од пругата и да ја реставрира постоечката инфраструктура.
  3. Ревизија на цената, бидејќи проектот е прескап во сегашната форма.

Целта – Скопје – Софија – Бургас како дел од Коридорот 8

Министерот потенцираше дека целта не е само железничка врска од Скопје до Крива Паланка, бидејќи таа веќе постои.

„Поентата е поврзување на Скопје – Софија – Бургас, што ќе овозможи целосно функционален Коридор 8 на источната страна“, заклучи Николоски.

Железничкиот сообраќај во Македонија се враќа во функција