Александра Наќева Ружин е избрана за нов претседател на Советот на амбасадори. Се очекува Наќева Ружин да ја продолжи активната и влијателна улога на Советот во надворешната политика. Да придонесе во јавниот дискурс и во развојот на стратешките дебати поврзани со меѓународната позиција на земјата. Ова стои во соопштението од Советот на амбасадори.
Таа беше избрана на позицијата на редовното годишо Собрание на организацијата. Покрај Наќева Ружин, за потпретседатели на амбасадорскиот совет избрани се амбасадорите Азис Положани и Зоран Јолевски. Во Извршниот одбор се избрани и амбасадорите Ѓорѓи Филипов, Мухамед Халили, Љупчо Арсовски, Нано Ружин, Елеонора Петрова-Митевска и Тихомир Илиевски, а за главен координатор е назначен амбасадорот Ивица Боцевски, соопштија од Извршниот одбор на Советот на амбасадори.
Членовите на Советот ги разгледале резултатите од своето работење по поднесувањето на Годишниот извештај од досегашниот претседател, амбасадорот Ѓорѓи Филипов. Му била изразена благодарност за неговата посветеност и ангажман во изминатиот двегодишен мандат. Собранието оценило дека Советот на амбасадори продолжува со активна и влијателна улога во надворешната политика
– Моделот на функционирање на Советот и постигнатите резултати ја потврдуваат неговата посветеност на стратешките државни интереси, без разлика на политичките или етничките разлики меѓу членовите — принцип кој може да служи како позитивен пример за слични организации во земјата и регионот, истакнува Советот на амбасадори.
Новата претседателка на Советот на амбасадори Наќева Ружин, е експерт по јавни и корпоративни финансии. Поранешна амбасадорка со над 25 години истакната кариера во Министерството за финансии, дипломатијата, академијата, меѓународните финансиски институции и корпоративниот финансиски сектор.
Покрај амбасадорка во Кралството Шведска, извршувала клучни извршни и советодавни функции во земјата.
Наќева Ружин е доктор по економски науки и магистер по јавни политики и менаџмент (Summa Cum Laude) од Универзитетот во Питсбург, САД. Предавала јавни финансии и индустриска организација на Универзитетот Американ Колеџ Скопје. Била и гостин предавач на Универзитетот во Лидс, Стокхолмската бизнис школа, Универзитетот во Питсбург и Економскиот факултет во Скопје. Автор е на повеќе трудови во областа на фискалната политика, децентрализацијата и дигиталното образование, и е добитничка на повеќе признанија во Македонија и странство, вклучително и меѓународната награда на Универзитетот во Питсбург за 2016 година.