“Какви сме ние возрасните, младината е сѐ уште коректна и надежна. Ние им ја урнисавме иднината и ги протеравме на софистицирана печалба.“

Во општество каде вредност е материјаниот капитал, немаме право да судиме каква младина излага од училишните клупи, вели Татјана Алексиќ, професорка по македонски јазик и литература во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“.

Писменоста е идентитет, култура и одговорност.

Секој треба да го знае значењето и “тежината“ на 24 Мај, вели Алексиќ, но очигледно дека властодршците во земјава како да ги прескокнале лекциите во текот на средното образование штом дозволуваат да спориме со соседите за посебноста на македонскиот јазик.

Државата треба да знае да си го заштити јазикот како светиња, има аманет од светите просветители кој недоволно се исполнува, додава Алексиќ.

Лидер: Колку се исполнува просветителската мисија на Кирил и Методиј во Македонија?

-Описменувањето на Старите Словени почнува по барање на моравскиот кнез Ростислав, кој од византискиот цар Михајло III ги добива најучените солунчани, браќата Кирил и Методиј, да ја преведат библијата на автентичниот и разбирлив јазик на Словените за ширење христијанство меѓу паганскиот народ. Претходница на Моравската мисија најзначајна за нас, е Брегалничката мисија, која ретко се спомнува и уште поретко ја има во учебниците по македонски јазик и литература. Ова се драгоцени податоци за секој државјанин на Македонија, особено за властодршците кои како да ги прескокнале лекциите во текот на средното образование штом дозволија да спориме со соседите за посебноста на македонскиот јазик, една од варијантите на старословенскиот јазик. Тоа е исто како некој одеднаш да побара од вас да си го докажете идентитетот со кој сте родени. Четвртиот јазик на кој е преведена библијата е старословенскиот јазик, официјални признат од Папата Адријан во 9 век, а првиот универзитет во светот е Охридска книжевна школа. Сѐ понатака низ историјата е голема политичка голгота поради која македонскиот јазик ќе се официјализира дури 1945 година.

Токму поради тоа државата треба да знае да си го заштити јазикот како светиња, има аманет од светите просветители! Словенската писменост нѐ обединува сите нас, било јужни, источни или западни Словени и празникот 24 Мај е сесловенски и свет празник. Може да го чествуваме празникот секоја година на 24 Мај, но поважно е да го чувствуваме секој божји ден! За да го чувствуваш треба да го разбираш и почитуваш, што би рекол Г.Стефановски во текстот на претставата Огнени јазици: ,,Преводот е божја работа! Преводот е предавство, ништо не може да се преведе…На латински само го разбирав Бога, на словенски го почувствував. Св.Кирил не ја превел, тој ја препеал речта божја на славјански”… Така што кус одговор на првото прашање е недоволно исполнување на аманетот.

Лидер: Каква младина излегува од училишните клупи?

-Какви сме ние возрасните, младината е сѐ уште коректна и надежна. Ние им ја урнисавме иднината и ги протеравме на софистицирана печалба. Очекуваме воспитана младина во систем каде невоспитаност и манипулативност се услови за финансиски успеси во општество каде вредиш онолку колку имаш материјален капитал за покажување. Немаме право да ѝ се лутиме на младината, ние сме им родители, ние така ги воспитуваме. А колку грешиме, времето покажува…

Лидер: Дали и колку државата води грижа и го негува својот јазик и традиција?

-Законска облигација е официјална употреба на стандарден македонски јазик. Должност на секој јавен говорник е да го говори јазикот на државата. Оние, уставно загарантирани 20 % јазици на другите националности како процентуален услов за двојазичност, ( член 7 од Уставот на Р.Македонија) е патетично додворување кое веќе скапо го плаќаме, процент на пирова услуга…

Лидер: Дали ќе успееме да го зачуваме јазикот и писмото со генерации кои својата иднина ја гледаат надвор од границите на Македонија?

-Надвор од границите секако дека ќе го говорат јазикот на кој ќе бидат разбрани. Исто и по дома или на улица, разговорно ќе си зборуваат на јазикот на кој сакаат да си зборуваат, користејќи сленг, жаргон… И сето тоа е симпатично, исто колку што е убаво да си полиглот, да знаеш да се служиш со повеќејазици. Најубаво од сѐ е што Македонија е мултиетничко општество, љубов меѓу различностите. Но, државниот јазик е неприкосновена должност за јавна комуникациска употреба. Само така ќе се сочува.