12 нови законски измени за системско и предвидливо здравство
Министерството за здравство започна со подготовка на измени на 12 основни закони во здравствениот систем, соопшти министерот Азир Алиу во отчетот за првата година од функционирањето на Владата.
„Во развој е дигитализацијата на здравството, а тоа не е луксуз, туку нужна алатка за отчетно, правично и за ефикасно здравство. Затоа почнавме со подготовка на измени на 12 основни закони од здравствениот систем. Секој закон ќе биде третиран од експертска група, бидејќи модерно здравство не се гради со импровизации, туку со прецизни и со системски правила“, изјави Алиу, потенцирајќи дека иднината е здравство базирано на податоци, а не на навики.
Според него, новиот пристап ќе се темели врз пет столба, фокусирајќи се на реално мапирање на состојбите, проценка на капацитетите, потребите и празнините во системот.
Погледнете го обраќањето.
(ВО ЖИВО) Прес-конференција на министерот за здравство, Алиу
Зголемени плати и вработувања – поддршка за младите лекари
Алиу најави конкретна поддршка за здравствениот кадар преку зголемување на платите – за 4.815 денари кај медицинскиот персонал и за 6.200 денари кај медицинските сестри.
„Ова не е само финансиска поддршка, туку порака дека државата стои зад тие што се грижат за здравјето на граѓаните“, истакна министерот.
Дополнително, решен е статусот на приватните специјализанти, со што во две фази ќе бидат вработени вкупно 600 млади лекари. Првата група е веќе во постапка на вработување, а вториот повик е објавен на веб-страницата на Министерството.
„Успехот не го мериме во бројки, туку во пораката дека младите лекари не се оставени сами. Стојам зад секој што одлучува со знаење“, додаде Алиу.
Нови лекови, отворен кабинет и дигитална отчетност
По една деценија, позитивната листа на лекови е ажурирана, со 9 нови генерички препарата во 87 различни форми. Но, Алиу истакна дека тоа нема смисла ако граѓаните не можат да се приближат до системот.
„Реформите не значат ништо ако граѓанинот не може да се приближи до системот и да биде слушнат“, рече министерот, објавувајќи го новиот концепт на „Отворен кабинет“, каде секој граѓанин може директно да изложи свои проблеми и идеи.
Во фокусот е и дигиталната трансформација. Таа според министерот, „не е замена за одговорност, туку алатка со која ќе се следи, мери и подобрува токму таа одговорност“.