Да направиме и ние во Северна Македонија една таква заедница во тој западен дух. Еве една кауза врз која може да се соединиме сите албански партии, дури и Алтернатива, која нема своја општина, соопшти партијата на Африм Гаши, објавува Плусинфо.
Политичката партија Алтернатива, која неодамна излезе од владината коалиција и одлучи да премине во опозиција, денеска повика да се започне иницијатива за формирање „Заедница на албански општини во Северна Македонија“, по моделот што е предвидено да се формира ваква заедница на српски општини (ЗСО) во Косово.
„Во времето кога Косово се наоѓа пред финалниот договор за нормализација на односите со Србија и кога секој западен дипломат кој доаѓа во Приштина го повторува рефренот ‘Да се формира Заедницата на српските општини во Косово’, прашањето што треба да се постави е зошто партиите на Албанците во Северна Македонија, тие кои имаат општини (ДУИ, АА и Беса), не покренуваат иницијатива за основање на Заедницата на албанските општини во Северна Македонија со истите надлежности со кои се бара да ги има Заедницата на српските општини во Косово. Ништо повеќе. Само толку“, велат од Алтернатива во соопштение до медиумите.
Оние што го бараат тоа од Косово, велат од партијата, се наши западни сојузници, па затоа излегува дека формирање ваква заедница е во духот на западните вредности.
„Да направиме и ние во Северна Македонија една таква заедница во тој западен дух. Еве една кауза врз која може да се соединиме сите албански партии, дури и Алтернатива, која нема своја општина. Да ја започнеме уште денес Заедницата на албанските општини во Северна Македонија. Добар реципроцитет и, воедно, европски, нели?!“, додаваат во соопштението.
Белград и Приштина се во фаза на преговори за нормализација на односите, за што веќе доставен и предлог договор од Франција и Германија. Формирање на ЗСО е едно од клучните барања на Белград, на што досега актуелната косовска власт се противеше.
Од косовската Влада објавија дека синоќа косовскиот премиер Албин Курти разговарал со високиот советник на Стејт департментот, Дерек Шоле, на кого му рекол дека го прифаќа европскиот предлог за договор како добра основа за понатамошните разговори во насока на нормализација на односите.