Европски лидери и генералниот секретар на НАТО утре ќе пристигнат во Вашингтон за клучната средба Трамп-Зеленски, на која ќе се разговара за мировните решенија за Украина
Во пресрет на утрешната средба меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон, потврдени се имиња на повеќе европски лидери и високи претставници кои ќе бидат дел од разговорите.
Британскиот премиер Кир Стармер официјално потврди дека ќе биде во Белата куќа и ќе присуствува на разговорите меѓу Зеленски и Трамп.
Меѓу присутните ќе биде и германскиот канцелар Фридрих Мерц, потврди неговиот кабинет. Во официјалното соопштение се наведува дека тој „ќе дискутира за статусот на мировните напори во Украина со другите присутни. И ќе ја истакне германската заинтересираност за брз мировен договор“.
Францускиот претседател Емануел Макрон исто така ќе патува за Вашингтон. Елисејската палата потврди дека тој „ќе го продолжи координацискиот труд меѓу Европјаните и Соединетите држави. Со цел постигнување праведен и траен мир што ги зачувува виталните интереси на Украина и безбедноста на Европа“.
Присуството на европските лидери ќе го засили и италијанската премиерка Џорџа Мелони. Нејзиниот кабинет соопшти дека таа ќе допатува во Вашингтон заедно со своите колеги за клучните разговори.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен објави на социјалната мрежа X дека ќе учествува во разговорите. Додаде дека присуството е на барање на Зеленски.
Од НАТО исто така ќе има претставник на највисоко ниво. Организацијата потврди дека генералниот секретар Марк Руте ќе се приклучи на Зеленски во средбата со Трамп.
Канцеларијата на претседателот на Финска, Александар Стуб, соопшти дека тој ќе „учествува на средба за мир во Украина“. Одлуката ја објавија и преку X.
Утрешната средба се најавува како пресуден момент за идните мировни иницијативи и за иднината на конфликтот во Украина.
Во текот на денот се очекува да бидат објавени и останатите имиња на европски лидери кои ќе присуствуваат на средбата во Вашингтон.