Позадина на случајот
Случајот се состои од 13 иницијативи поднесени од различни поединци, политички партии и здруженија. Овие иницијативи беа поднесени уште во 2019 година, но повторно добија внимание оваа есен по забелешките од Венецијанската комисија. Комисијата го критикуваше законот за недостиг на јасност во однос на тоа кои одредби се однесуваат исклучиво на албанскиот јазик, а кои на јазиците на другите заедници.
На оваа тема разговаравме и со комуникологот Бојан Кордалов на утринската емисија на Радио Лидер.
Подносителите на претставката го оспоруваат законот
Нашата држава се соочува со бројни предизвици за Законот за употреба на јазиците. Политичката партија ВМРО-ДПМНЕ го отвори повторно ова прашање и застана во одбрана на македонскиот јазик и тие сметаат дека никако не може да се изедначат двата јазици. Здружението „Светски Македонски Конгрес“ исто ја актуелизираше оваа тема.
Можни исходи
Уставниот суд има неколку опции во однос на иницијативите:
Целосно да ги отфрли иницијативите.
Да се започне постапка за оценување на законот во целина или делови од него.
Привремено суспендирање на примената на законот додека не се донесе конечна одлука.
Враќање на законот во Собранието за измени или појаснување.
Бојкотирање од албанските пратеници
Двајца судии од Уставниот суд од албанска етничка припадност, Осман Кадриу и Насер Ајдари најавија бојкот на седницата. Нивното отсуство има за цел да ја блокира постапката, повикувајќи се на претходна судска одлука од 2022 и 2023 година, во која се вели дека случаите кои се однесуваат на Законот за јазиците, Договорот од Преспа и Законот за електронски комуникации мора да се одвиваат само со едногласно учество на сите членови на судот.
Сепак, судијата што ја застапува турската заедница Фатмир Скендер се очекува да присуствува на седницата и да не се приклучи на бојкотот.
Политички реакции
Во пресрет на расправата на судот, опозициската партија ДУИ започна со „стражарење“ со присуство 24/7 пред Уставниот суд. Партијата тврди дека ова бдеење ја симболизира нивната заложба за „одбрана на Законот за јазиците“.
Претседателката на државата, Гордана Силјановска Давкова ги повика политичките лидери да се воздржат од коментари пред одлуката на судот. Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски ги повика граѓаните да ги игнорираат провокациите од ДУИ, обвинувајќи ја партијата дека се однесува како „политички чистачи“.