Само осум отсто од вкупниот број мерки што Владата ги презеде за справување со последиците од здравствено-економската криза се наменети за младите, покажа анализата на младинските организации кои денеска го промовираа документот „Млади во криза 2.0“ со кој се анализираа ефектите од пандемијата врз младите.

– На прв чекор заклучивме дека Владата пристапи кон некаков начин на „чадор“ политики, односно обид да се опфатат што повеќе категории луѓе, а не со таргетирани мерки кои ќе овозможат за специфични групи кои најмногу трпат од кризата да бидат дел од мерките, рече денеска Блажен Малески од Реактор – Истражување во акција.

Според него, здравствено-економската криза ќе има трајни последици врз младите, уште повеќе ќе го отежни пристапот до пазарот на трудот и до првото работно место и продолжување на своите кариерни цели.

– Пристапот до мерките беше отежнат и не беше за сите млади, туку конкретно за специфични групи. Институциите сами по себе не го следат развојот на самите мерки, не вршат евалуација, и колкава е искористеноста, која е целта. Пристапот на директно давање на финансиски средства на младите беше обид да се стимулира економијата, да се потрошат повеќе финансиски средства, а со тоа да се задржат работни места во прозиводството во државата, рече Малески.

Во суштина, заклучи тој, Владата немаше директен пристап до младите, се концентрираше на студентите и средношколците, а генералната популација на млади не беше опфатена, особено оние кои изгубиле работно место. И комуникацијата, учеството на младите во креирањето на политиките, според него, не беше на задоволително ниво.

Анализата на Здружението за истражувања и анализа – ЗМАИ покажува дека платите на младите се намалиле за време на кризата. Падот на просечните месечни нето примања кај младите во јуни во однос на февруари е 2,6 проценти, додека на ниво на цела држава е 1,8 посто. Бројот на млади кои имале примања под минималната плата пораснал од 27.149 во февруари на 31.755 во јуни, а нивното учество во целата популација на млади кои имале примања се зголемило од 32 на 37 посто. Стапките на пад на примања се најизразени кај младите и жените.

– Оваа разлика ја зголемува нееднаквоста меѓу нив и останатите групи, што значи дека мерките треба да бидат дизајнирани за нивна поддршка, посочи Виктор Стојкоски од ЗМАИ.

Младинските организации апелираат институциите да ги земат превид младите како клучна група при носењето на мерки за справување со здравствено-економската криза. Препорачуваат да се олесни (ре)вработувањето на младите, но и да се поддржат преку поврат на персоналниот данок и ваучери за домашна потрошувачка на оние на кои им се најпотребни.

За образованието да не биде прекинато за ниту едно дете, препорачуваат да се обезбедат услови за пристап до наставата, особено за младите кои немаат дигитални уреди, кои не се во образовен систем и кои се од економски помалку моќни семејства. Образованието на далечина да стане достапно и за учениците со попреченост.

– Кризата и социјалната дистанца влијаат негативно на менталното здравје, за што стручните служби во улиштата мора да обезбедат активности за учениците, а државата да обезбеди сервисни линии за психолошка поддршка и линии за жртви на семејно насилство. Во однос на еднаквото образование за сите, воведување на сеопфатното сексуално образование во сите степени на образование е уште еден начин државата да докаже дека е грижлива за секој млад човек и сите млади имаат подеднакво пристап до информации кои се неопходни за нивното физички и менталено здравје. Законот за младинско учество и младински политики не треба да чека да заврши кризата, треба да се работи на неговата имплементација, заедно со младинските организации. Препорака има и до младите – волонтерството, младинската работа и активизам треба да опстојат, стои во документот.

Процесот на криерање на документот и анализите беше поддржан од Фондацијата за демократија на Вестминстер преку Иницијативата за демократија на Западен Балкан