Македонија во Дуизбург ја порази Германија со 1:2 преку головите на Пандев и Елмас, а селекторот Ангеловски не успеа да ги скроти емоциите, испраќајќи порака до својот народ, но и до оние кои постојано се сомневале во неговите квалитети и го омаловажувале.

-Ова е историја. Никогаш досега Македонија на успеала да победи една така трофејна селекција. Овие момци уште еднаш ја направија Македонија горда. Го победивме четирикратниот светски првак. Радувај се Македонијо, слави ги овие херои, изјави Ангеловски.

Поранешниот предводник на Работнички ја искористи приликата повторно да испрати порака до челниците на ФФМ и до оние кои во јавноста го критикуваат.

-Поздрав до сите што ме омаловажуваа, еве им шанса и тие сега да се радуваат. Прифаќам критики за мојата работа, бидејќи извршувам јавна работа, но не прифаќам омаловажувања и опструкции кои сега сите добро знаете дека се случуваа. Знаете на кого се однесува ова, додаде Ангеловски.