Владата води паралелна кампања од Антикорупциската комисија за борба против корупцијата. Шефицата на државното тело за борба против корупцијата, Билјана Ивановска смета дека кампањата за борба против ова горливо прашање треба да ја води специјалната Комисија, а не Владата, која треба да биде рационална во трошењето на државните пари. Ивановска во интервју за Радио Слободна Европа вели дека Антикорупционерите кампањата ја спроведуваат со поддршка на ИПА проект и иако Владата знаела за ова, сепак таа ја почна кампања „Сега сè е јавно – корупцијата не се исплати“.
-Одговорноста за трошењето на парите сепак е нивна. Но, сепак мислам дека најдобар пример и најдобра кампања на Владата за борбата против корупција е нивниот личен пример и нивните политики што ги водат, така што ниедна кампања, не знам колку пари и да потрошат, не може тоа да го покрие. Што значи дека лично мислам дека Владата не треба да води такви кампањи, изјави Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК.
Нема ексклузивитет за тоа која институција ќе спроведува кампања против корупцијата. Ваков одговор добивме од Кабинетот на вицепремиерот Љупчо Николовски чија еден од неговите надлежности е борба против корупцијата и криминалот. Оценија дека кампањата е од јавен интерес, а на неа се решиле по длабински анализи и проценки, консултации и препораки со експертската фела и меѓународни партнери.
-Борбата со корупцијата е една од најважните теми со кои треба да се справиме, а затоа потребни се граѓаните во целата битка. Да се охрабрат, да бидат слободни, да ја препознаат и пријават корупцијата. Ваквите кампањи имаат таква цел, да ја подигнат свеста кај граѓаните за штетноста од корупцијата по функционирање на целиот систем. Средствата за финансирање на кампањата се дел од буџетот со кој се располага, велат од Кабинетот на Николовски, вицепремиер за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси.
Токму за кампањата „Сега сè е јавно – корупцијата не се исплати“, Владата потроши вкупно 270.000 евра од парите на граѓаните. Според Бирото за јавни набавки, овие пари легнале во маркетинг агенцијата „Еден на Еден“ и во „Технографика“. Инаку, земјава стагнира на полето на борба против корупција. Во последниот извештај на Транспаренси интернешнл, Македонија е рангирана на 111 место од 180 земји според индексот за перцепција на корупцијата. Вицепремиерот Николовски се правдаше дека корупцијата не пораснала, туку тоа е перцепција на народот. Антикорупционерите возвратија дека нивните ефекти не се остваруваат поради силното политичко влијание и непостапување по решенијата на независните тела, како и дека не се справуваат соодветно со корупцијата во судството и земјава не ја спроведува ветената реформа во правосудството.