Барањето на ЗЕЛС до Владата е барање од 81 општина и не е барање за помош на општините, туку е во интерес на граѓаните кој треба да се стави како приоритет.
-Барањето на ЗЕЛС до Владата е барање од 81 општина и не е барање за помош на општините, туку е во интерес на граѓаните кој треба да се стави како приоритет. Ако овие јавни услуги не стигнат до граѓаните, граѓаните се оштетени, истакна градоначалничката Арсовска и претседателка на ЗЕЛС при гостувањето во Економски магазин на Алсат телевизија.
-Побарано е надоместување на разликата од сметките пред и оние за време на енергетската криза. Средствата на општините се лимитирани, голем дел од нив се презадолжени и да не би биле презадолжени, и да се обидат во делот на редовните буџети со ребаланс да се покријат во делот на електричната енергија и снабдувањето, тие само со две сметки за струја го исцрпуваат целиот свој буџет. Што ќе прават потоа?! Ова е голем проблем за кој мора да се седне на маса да се разговара и да се реши. ЗЕЛС повеќе од еден месец нема одговор на она што иницијално го доставивме како барање, а тоа да се излезе пресрет по неколку точки што ги побаравме. Разбираме дека треба да се разгледа, но времето тече а сметките и долговите се генерираат. Дел од општините започнаа со рестриктивни мерки, а дел се соочени потенцијално со целосно исклучување на струјата. Проблемот не е само да се репрограмираат или на рати да исплаќаат долговите. Проблем е и тоа што јавните претпријатија и образовните институции се соочени со истите проблеми, каде дотациите се намалени во споредба со тоа што биле во претходната година. Затоа навистина е неопходно се одржи овој состанок меѓу ЗЕЛС и Владата, за да се заземе генерален став како ќе се помогне на општините, потенцираше Арсовска.
Арсовска: За два месеци потрошен цел буџет за сметки за електрична енергија на општините
-Заклучокот на ЗЕЛС е да се најде решение со разговор затоа што имаме две разумни страни кои ќе најдат решение на проблемот. Доколку нема разговор, вториот заклучок кој го донесе ЗЕЛС е радикализација. Треба да разбереме дека имаме 81 општина од кои повеќето се мали, рурални кои што немаат начин како да генерираат повеќе средства. Нивното функционирање, начинот на којшто работат и постојат е доведено во опасност од оваа ситуација, а неизвесно е истата до кога ќе трае. За да може нешто да се направи, треба на овие луѓе да им се помогне. Инициравме и разговаравме за тоа, доколку пред некоја година се покриле 51% од долговите на општините кои биле генерирани од несоодветно менаџирање или од непродуктивни трошења, сега треба да се помогне кога сме во енергетска и економска криза, истакна градоначалничката Арсовска и претседателка на ЗЕЛС при гостувањето во Економски магазин на Алсат телевизија.
-Доколку не добиеме помош од централната власт ќе добиеме целосна нефункционалност на малите општини. Тие веќе го имаат потрошено буџетот предвиден за електрична енергија со сметки за два месеци. Ситуацијата и со јавните комунални претпријатија е до толку алармантна што прекинот на електрична енергија директно влијае и може да доведе до прекин и на водоснабдувањето. Затоа треба уште еднаш убаво да се размисли како ќе се реагира, затоа што ова се јавни услуги кои се од интерес пред се за граѓаните. Ние не зборуваме само за јавни претпријатија или општини, ние зборуваме за граѓаните на овие општини, потенцираше Арсовска.