Собранието веќе подолго време без малку е блокирано. Сите тактики помеѓу власта и опозицијата водат кон тоа да имаме дисфункионален Законодавен дом, кој станува арена за надмудрување и маневри, а не за размена на идеи и ставови, вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Придвижување од целава политичка ситуација, Арсовски гледа во дијалог помеѓу партиите без условувања и партиски агенди.
Ваквата ситуација за жал не носи никакво подобрување во животот на граѓаните. Условите за живот ќе се подобрат само ако се отвори инклузивен процес во кој ќе се разговара за национални и стратешки прашања, додава Арсовски.

Лидер: ВМРО-ДПМНЕ прогласи активна блокада на Собранието. Што значи оваа одлука на опозицијата и кон што води?

-Мислам дека опозицискиот наратив дека работите одат во лош правец и неопходни се избори е веќе стандарден за без малку сите опозиции досега, и во таа смисла не е спорен. Сепак, имајќи предвид дека предвремени избори кај нас се доживуваат како прекин на нормалната работа на системот, и како алатка на политичарите, со таквите барање треба да се биде внимателен, зашто постои ризик од антагонизам кај дел од јавноста. Во основа, треба да почекаме да видиме како на ова ќе реагира македонската јавност. Доколку го поддржи овој бојкот, тоа може да го зголеми притисокот за превремени избори.

Лидер: Дали преку оваа одлука ќе се подобрат условите за живот за земјава?

-Условите за живот ќе се подобрат само ако се отвори инклузивен процес во кој ќе се разговара за национални и стратешки прашања. Ваквиот бојкот тешко дека сам по себе ќе донесе некакво подобрување, напротив.

Лидер: Власта не само со опозицијата има “проблеми“ и со колициските партенри. Ако набрзо не продолжи расправата во Собрание за една изборна единица, неколку пратеници од власта ќе иницираат предвремени парламентарни избори, тврди пратеникот од Демократски сојуз Павле Трајанов. Како да се реализира ова со блокирано Собрание?

-Најнапред, Собранието веќе подолго време е без малку секако блокирано. Сите тактики помеѓу власта и опозицијата водат кон тоа да имаме дисфункионален законодавен дом, кој станува арена за надмудрување и маневри, а не за размена на идеи и ставови. Во таа смисла нема многу да се смени. Дискусијата за изборен модел е валидна и треба да ја има, но изборниот модел не смее да се менува премногу често, и треба да биде консензус помеѓу сите партии, а не само желба на некои.

Лидер: Кој е следниот чекор кој треба да го повлече власта, да покрај глобалните кризи се справи и со внатрешната политичка криза?

-Мислам дека е потребно да се оформи некаков процес на редовна размена на идеи, ставови и концепти за стратешките приоритети на државата и нашето општество. Тука власта треба да отвори можност за таков дијалог, а опозицијата да го прифати без условувања или партиски агенди. Двете партии (односно сите партии) треба во таков процес да учествуваат со добра волја, а не со политичка калкулација. Без тоа, тешко ќе се придивижиме напред.