Најголем дел од граѓаните поддржуваат редовни избори, особено во време на криза, и старо правило е дека кога наративот ви е спротивен на мислењето на мнозинството, многу е тешко да се „продаде“, вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

-Економската криза може да се прелее во политичка, особено ако ВМРО ДПМНЕ ги блокира институциите каде има влијание, но суштинското прашање е кој за тоа потоа ќе биде прогласен (од јавното мислење) за виновен, додава Арсовски.

Вели, не треба да се очекува многу после јунскиот Самит, затоа што ЕУ има премногу пожари за гаснење а ние не сме најголемиот. Нестабилната влада во Бугарија секако има големо влијание врз нашиот евроинтегративен процес а нови избори во Бугарија се повеќе не оддалечуваат од решение.

Лидер: Што може да очекува Македонија после дипломатската офанзива од јунскиот Самит?

-Во принцип не треба да се очекува премногу од јунскиот самит. Дипломатската офанзива е во полн ек, и очигледно е дека меѓународната заедница, а особено ЕУ и САД, се искрено заинтересирани за затворање на ова прашање и почеток на преговори со ЕУ за Македонија, но сепак, ситуацијата е комплицирана, а ЕУ има премногу пожари за гаснење, од кои ние не сме најголемиот.

Лидер: Дали нестаблноста на владата во Бугарија ќе има влијание врз евроинтеграциите на Македонија?

-Секако да. Што е Бугарија понестабилна, тоа се помали шансите за брзо решение. Во моментот во Бугарија има длабока поделба помеѓу прозападната ориентација и екстремната русофилија која е изразена кај некои политички структури. Токму таа тензија и досега спречуваше решение. Ако сегашната влада преживее, со исто или друго парламентарно мнозинство, сеедно, можно е релативно брзо (за неколку месеци) решение. Ако се оди на избори, во следните 9-12 месеци тешко дека ќе имаме сериозна можност за пробив.

Лидер: Расте ли евроскептицизмот, веќе станавме предмет на подбивање ( конкретно Рама)?

-Ова се две различни работи. Расте евроскептицизмот, поради неисполнувањето на ветувањата на ЕУ за нашата земја и овој регион конкретно, но мислам дека тоа нема врска со досетката на Рама. Мислам дека тој сарказам беше (па и според самиот Рама), насочен да ја донесе до апсурд бугарската позиција кон Македонија, а никако не беше насочен како навреда кон нас. Ние сме преосетливи (можеби со право) на таквите шеги во моментов.

Лидер: Дали сега е вистинско време за протест на опозицијата?

-Мислам дека таа политичка проценка треба да ја донесе опозицијата, но ако ме прашувате дали ќе добие големи симпатии со тоа, мислам дека политичкиот капитал нема драматично да се зголеми со протести сега. Сепак најголем дел од граѓаните поддржуваат редовни избори, особено во време на криза, и старо правило е дека кога наративот ви е спротивен на мислењето на мнозинството, многу е тешко да се „продаде“.

Лидер: Дали оваа економска криза со енормно поскапување на сите енергенски, продукти и услуги ќе се прелее во политичка, имајчи предвид дека ВМРО ДПМНЕ најавува целосна блокада на Законодавнот Дом каде се заглавени повќе закони од интерес на граѓаните?

-Може да се прелее, особено ако ВМРО ДПМНЕ ги блокира институциите каде има влијание, но суштинското прашање е кој за тоа потоа ќе биде прогласен (од јавното мислење) за виновен. Постои шанса за опозицијата во време на криза, но постои и ризик да бидат доживеани како деструктивни.