Поминати се 29 години од еден од најзначајните и најшокантни настани во историјата на Македонија – обидот за атентат врз првиот претседател, Киро Глигоров. Тој кобен вторник, 3 октомври 1995 година, во близина на хотелот Бристол во центарот на Скопје, експлодира автомобил полн со експлозив. Целта на нападот беше претседателот Глигоров, кој за среќа преживеа, но со сериозни повреди на главата.

Неуспешен атентат, големи последици

Во моменот на експлозијата, претседателот Глигоров се возел во неговиот Мерцедес, додека белиот Цитроен полн со 20 килограми експлозив бил паркиран покрај патот. Нападот, за жал, однесе две жртви – возачот на претседателот и случаен минувач. И покрај тешките повреди, Глигоров успеа да го преживее атентатот, што нацијата го прими со огромно олеснување.

Истрагата остана без одговори

И по 29 години, истрагата за атентатот врз Глигоров останува неразрешена. Разузнавачките служби на Македонија и странски агенции ги разгледаа повеќе можни сценарија, но ниту едно не донесе конкретни докази. Еден од првите осомничени беше организацијата Ослободителна војска на Македонија, со седиште во Австралија. Подоцна, се појавија и сомнежи за вмешаност на бугарската група Мултигруп или југословенската разузнавачка служба КОС, но ниту едно од овие тврдења не беше потврдено.

Средба непосредно пред атентатот на Глигоров

Напдот се случи само еден ден по важната посета на српскиот претседател Слободан Милошевиќ. Тие се сретнале во Скопје и постигнале договор за меѓусебно признавање на независноста на двете земји, што дополнително ја засили мистеријата околу можните мотиви за атентатот.

Голема полициска акција без резултати

По атентатот, следеше една од најголемите полициски акции во историјата на Македонија. Претресени беа над 30.000 возила, прегледани повеќе од 15.000 објекти, а над 188.000 лица беа легитимирани, од кои 19.000 биле претресувани. И покрај овие обемни истраги и бројни информативни разговори со потенцијални осомничени, полицијата не успеа да обезбеди цврсти докази и случајот остана отворен.

Глигоров се врати во канцеларија три месеци подоцна

Три месеци по нападот, Киро Глигоров се врати на својата функција и го продолжи својот втор претседателски мандат, кој го заврши успешно. Неговото враќање беше поздравено од јавноста, која го гледаше како симбол на стабилност и отпорност.

Наследството на Глигоров

Глигоров ќе остане запаметен како еден од најзначајните политички фигури во македонската историја. На изборите во 1994 година, тој доби над 715.000 гласови – рекорден број во македонската изборна историја. Се смета за главната личност заслужна за мирното одвојување на Македонија од Југославија. Почина на 94-годишна возраст на 1 јануари 2012 година, од природна смрт.