Во извештајот е анализирана 24-часовната програма на првиот телевизиски програмски канал на Јавниот сервис – МРТ1 и на шест комерцијални телевизии на државно ниво кои имаат просечен неделен досег над 10% – ТВ 24 Вести, ТВ Алсат-М, ТВ Алфа, ТВ Канал 5, ТВ Сител и ТВ Телма.

Како што се наведува во соопштението, во дневноинформативните емисии, медиумите најчесто обработувале актуелни теми низ вести (во низа) и низ извештаи, јасно структурирани и со проверливи извори на информации, но во ТВ-дневникот на одредени телевизии понекогаш се појавувале и прилози реализирани низ нејасни, хибридни жанровски облици, спој од – информирање и обиди за резиме, за антиципација и за анализа на посложени општествени појави, при што, во некои од таквите случаи немаше ни јасно одвојување на партиските од професионалните редакциски гледишта.

-За тековните активности околу изборниот процес, медиумите главно известуваа во професионално структурирани информативни жанрови, но сепак, не изостанаа и секојдневните прилози што го проследуваат ривалитетот меѓу СДСМ и ВМРО ДПМНЕ. Притоа, забележлива е и практиката да се „цитираат“ искази од социјалните мрежи, кои сами по себе често се или нерелевантни или непроверливи, ни во информативна ни во фактографска смисла, посебно со оглед на тоа што се издвоени од нечија адреса со Интернет-прекар/псевдоним, се наведува во соопштението.

Единствено МРТ 1 и ТВ 24 Вести обезбедија известување на знаковен јазик за лицата со оштетен слух и на тој начин ја исполнија обврската од членот 75 став 1 од Изборниот законик.

ТВ Алфа, ТВ Сител и ТВ Канал 5, реализираа повеќетематски интервјуа со лидери/претставници на политички партии, аналитичари на изборниот процес, некои од независните кандидати за градоначалници на Скопје, во однос на амбициите за кандидатурата и за можните партиски афилијации. Интервјуата главно беа реализираа во засебни актуелноинформативни целини, со исклучок на ТВ Сител која интервјуата ги смести во рамките на централниот ТВ-дневник, па споредбено, оттаму и значителната, дури повеќечасовна разлика во минутажата посветена на Локалните избори.

Поединечните извештаи за националните програмски сервиси кои беа предмет на мониторинг се содржани во Првиот извештај од медиумското известување за Локалните избори.