Убедливо мнозинство Австријци се против проширувањето на Европската унија, кое, спротивно на вербалното застапување на официјалните лица во Виена, важи и за сите земји од Западен Балкан, покажува истражувањето на Австриското друштво за европска политика (OGfE). , пренесува агенцијата Бета.

Поддршката на Австријците за влезот на земјите од Западен Балкан во ЕУ се движи од 16 проценти во случајот на Косово, до 29 проценти за Босна и Херцеговина, што е и највисока поддршка за членство на една земја од регионот во ЕУ, според објавените резултати од истражувањето.

Мали осцилации

Мислењето на јавноста во Австрија за влезот на Србија, Црна Гора, Албанија и Македонија во ЕУ не покажува големи флуктуации.

Влезот на Србија во ЕУ го поддржале 24 отсто од анкетираните, 48 отсто се изјасниле против, а 17 отсто рекле дека не им е грижа. 11 отсто од учесниците во анкетата не го знаеле одговорот, или не сакале да го дадат. Црна Гора, со 23 отсто, има само нешто помала поддршка од Србија, 44 отсто од испитаниците се изјасниле против нејзиниот влез, додека 21 отсто биле рамнодушни кон ова прашање.

Поддршката за членството на Албанија во ЕУ е 22 отсто, против се 51 отсто, додека во случајот со Северна Македонија 21 отсто од граѓаните го поддржуваат, а 47 отсто се против.

„Официјална Австрија одамна се гледа себеси како убеден поддржувач на проширувањето на ЕУ, особено кога станува збор за влезот на земјите од Западен Балкан. Сепак, населението, речиси традиционално, има поинакво мислење за ова прашање“, рече генералниот секретар на OGfE Пол Шмит.

Тој рече дека поддршката за влезот на Западен Балкан во Унијата во Австрија „со години е повеќе или помалку слаба“ и дека темата за проширувањето на ЕУ кај населението генерално наоѓа слаб одговор.

Истражување на јавното мислење за пристапувањето на Западен Балкан и Турција редовно го спроведува OGfE од 2010 година, а сега во истражувањето се вклучени Украина, Молдавија и Грузија, на кои перспективата за членство во ЕУ им беше отворена дури минатата година.

Со години, најмал процент Австријци во ЕУ сакаат да ја видат Турција. Во најновото истражување, само осум отсто од испитаниците се изјаснија за вклучување на таа земја во Унијата, која е кандидат за членство од 1999 година, додека 71 отсто се експресно против.

Со истражувањето биле опфатени 1.000 граѓани на возраст од 16 до 80 години од 11 до 13 април.