Пред почетокот на расправата за нацрт даночната реформа, бизнис секторот бара одговор на четири прашања кои денеска јавно ги соопшти претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески.
Од Владата се бара одговор за тоа до каде се постапките за задолжувањето преку еврообврзница и кредитната линија од Меѓународниот монетарен фонд и што е со барањата и предлозите од Македонската енергетска асоцијација. Во делот за даночните реформи, од Комората сметаат дека треба да има прецизни рокови и услови на кои ќе се обврзе државата за поквалитетни услуги кон приватниот сектор, за укинување на парафискалните давачки и за намалување на сивата економија.
– Деновиве во Комората пристигна нацрт-концептот за даночни реформи, кој треба да претставува основа за јавна расправа во наредниот период. Малку чудно, бидејќи очекував разговори околу нашите предлози за проблемот број еден, а тоа е цената на електричната енергија. Нормално, додека не пристигна нацрт-концептот за даночни реформи, разменив и мислења со одговорните луѓе во Комората, кои како договорени ми поставија четири прашања. Ценејќи дека тие прашања се од суштинска важност, пред да започне расправата одлучив јавно да ги изнесам, бидејќи самиот предлагач се залага за транспарентност на оваа расправа. Покрај нив, првичните реакции се однесуваа и на прашањата од даночната евазија и што се презема на тој план, сугерирајќи прво да се искористат внатрешните можности пред да се отвори расправата, која доаѓа во еден исклучително тежок момент за бизнисот, вели Азески во отвореното писмо до јавноста.
Предлозите на МЕА за излез од енергетската криза, како што наведува Азески, биле наменети за компаниите и бараат итна и одлучна реакција на носителите на економски политики за спас на реалниот сектор.
– Нели е нормално во нацрт-концепт за даночни реформи да се предвидат и прецизни рокови и услови на кои ќе се обврзе државата за понуда на поквалитетни услуги спрема приватниот сектор; рокови за дигитализација на нејзините процеси, за укинување на парафискалните давачки, како и за намалување на сивата економија и на корупцијата? Односно бизнисот очекува понуда на пинг-понг решение, што значи дека пред државата да одлучи да ги зголеми даноците треба да им докаже на даночните обврзници дека е ефикасна, ефективна, транспарентна и дека нуди квалитетни услуги, наведува Азески.
На државата, додава Азески, и е потребен рамковен економски договор, за кој Собранието на Комората повикува на консензус и на поддршка од сите субјекти во државава за нејзино што поскоро применување.