Бајден и Џонсон, по денешната средба која траеше повеќе од еден час, потпишаа нов документ кој се недоврзува на обврските и аспирациите наведени пред 80 години од нивните претходници Френклин Д. Рузвелт и Винстон Черчил во Атланската повелба.
-Нашата нова Атлантичка повелба ја потврдува нашата постојана посветеност на одржување на вредностите и нивна одбрана од странски предизвици, велат Бајден и Џонсон во заедничката изјава.
Документот, потпишан во 1941 година, беше насока за формирање на Обединетите нации и НАТО и оваа повелба се осврнува на новите предизвици преку силната желба за унапредување на слободната трговија, човековите права и меѓународниот поредок заснован на правила и со барање за спротиставување на оние кои сакаат да ги поткопаат сојузите и институциите на двете земји. Новата повелба опфаќа и технологија, патувања и многу трговски врски помеѓу САД и Велика Британија и се осврнува на нови предизвици, како што се климатските промени, кибер нападите и мешањето во изборниот процес.
Бајден ја оцени неговата билатерална средба со премиерот на Велика Британија како „многу продуктивна“ и ги потврди специјалните односи меѓу двете земји, пренесува Си-Ен-Ен.
– Отворивме и разговаравме за широк спектар на прашања на кои Обединетото Кралство и САД многу тесно соработуваат. Ние ги афирмиравме посебните односи, специјалните односи меѓу нашите луѓе и ја обновивме нашата заложба за бранење на трајните демократски вредности што ги споделуваат нашите нации, рече Бајден.
Тој истакна дека двете земји се согласиле да работат заедно во борбата против предизвиците на новиот век со ревитализираната Атлантска повелба, која вклучува решавање на прашања од областа на кибер безбедноста и климатските промени.
За Џонсон, пак, средбата со Бајден била како „налет на свежо ветре“, бидејќи е отворен за соработка со Лондон за серија прашања, пренесува Би-Би-Си.
– Ново е, интересни и ние многу се трудиме. Разговаравме околу еден час и 20 минути. Беше тоа долг и добар разговор. Покривме огромен спектар на теми, потенцираше британскиот премиер.
Што се однесува на разликите во мислењето меѓу Лондон и Вашингтон околу влијанието на Брегзит на мирот во Северна Ирска, Џонсон инсистира дека САД, Велика Британија и ЕУ се во „целосна хармонија“ во врска со изнаоѓање решение со кое ќе се поддржи мировниот договор од 1998 година.
На средбата зборувале и за тоа како САД и Велика Британија можат „да ги предводат глобалните напори против Ковид-19“. Во таа насока, Бајден најави дека САД ќе донираат 500 милиони дози вакцини против коронавирус на 90 најсиромашни земји.
– Тоа е наша одговорност, наша хуманитарна обврска да спасиме што е можно повеќе животи, потенцираше американскиот претседател.
Следно на агендата на Бајден на европската турнеја е утрешниот Самит на Г-7.