Кина не обезбеди воена помош за Русија, но Соединетите Држави јасно ставија до знаење дека таквиот потег ќе има сериозни последици, изјави советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан.

 

„Пекинг ќе мора сам да донесе одлуки за тоа како да продолжи, дали ќе обезбеди воена помош. Но, ако тргне по тој пат, тоа ќе има голема цена за Кина“, рече Саливан во интервју за Си-Ен-Ен.

 

Саливан, рече дека Кина не презела чекори за давање помош, но исто така посочи дека Пекинг не ја отфрлил таа опција.

 

„Американските власти ги предупредија своите кинески колеги зад затворени врати за тоа што тоа би можело да ги чини“, рече Саливан, но одби да даде повеќе детали.

 

 

Соединетите Држави и нивните сојузници во НАТО се обидоа да ја предупредат Кина за таков потег во последните денови, јавно изнесувајќи ги уверувањата дека Кина размислува да и испорача смртоносна опрема на Русија.

За Кина денеска зборуваше и директорот на ЦИА, Вилијам Барнс.

 

„Уверени сме дека кинеското раководство размислува за набавка на смртоносна опрема. Исто така, не гледаме дека сè уште е донесена конечна одлука и не гледаме докази за вистински испораки на таква опрема“, изјави Барнс за Си Би Ес.

 

Републиканскиот претставник Мајкл Мекол, претседател на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом, во емисијата „Оваа недела“ изјави дека американските разузнавачки служби имаат информации дека беспилотните летала се меѓу оружјата што Кина планира да и ги испрати на Русија.

На 24 февруари 2022 година, Москва започна инвазија на Украина.

 

Американскиот претседател Џо Бајден пред неколку дена вети нова воена помош за Украина во износ од 500 милиони долари.