Судскиот совет со 7 гласа „за„ и 4 гласа „против“ одлучи претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, да не биде разрешена од функцијата, односно да се запре постапката. Барањето дојде од членот на советот, Миљазим Мустафа, кој обвини дека со нејзиното неприсуство на седници ја нарушила работата на Судскиот совет, иако таа нема право на глас, бидејќи е член по функција. Мустафа пак, ја напушти седницата, бидејќи како подносител кој на Адеми и се закани со затвор, немаше право да гласа, пренесува А1он.

„Во текот на целокупната постапка, кај мене се зацврсти ставот дека не се сторени повредите. Кај мене е недозволиво да гласам за одредена мерка, колку за да пројде. Без оглед, може сите да сте против мене, сама да останам, ако сметам дека е за разрешување, ќе гласам така. Ако сметам дека не е, повторно ќе гласам. Отсуствата на претседателката на Врховниот суд се оправдани, а оправдани се затоа што ние сме го оправдале тоа. Ние на самите записници потврдуваме дека е оправдано отсутна заради конференции и така натаму. Во периодот наназад и тоа какви успеси има Врховниот суд. Јас се гордеам со нејзините успеси во Врховниот суд. Ниту едно нејзино отсуство не предизвикало потреба за одложување на седницата. Јас не видов дека се одложила седница поради неа. Таа ги гледала материјалите, ги проучувала и ги знае сите состојби што се случуваат во Судскиот совет. Иако физички не е присутна, сепак тоа не се одразило врз работата на Судскиот совет. Како што кажа Сашко Георгиев, таа присуствувала онаму каде што било неопходно. Се работи за член по функција, нема право на глас, нема штета врз Судскиот совет“, рече претседателката на советот, Весна Дамева пред гласањето.

Таа посочи дека досега, Беса Адеми покажала независност, не подлегнала на притисоци и била транспарентна. Но за наводите за притисоци, Дамева е убедена дека Адеми го пријавила истото на свој начин, за да се заштити себеси.

Во извештајот на комисијата долг 40 страници, наведено е дека Беса Адеми, иако била повикана, не се појавила на состанок, ниту дала некакви информации за политички притисоци, причината за што била повикана на состанокот. Во другите делови пак според она што го кажа Мирсад Суроји, претседател на Комисијата на известители за одговорност на Адеми, извештајот не покажува законска повреда.

„Во Законот за судови, се предвидува да бидат исполнети два услови, злоупотреба, а не повредување на закон, како што тврди подносителот. Има позитивни констатации за управувањето на Врховниот суд, за унапредување на слободата на судовите. Никако не може да се донесе заклучок дека не присуствува во работата на Судскиот совет, бидејќи таа цело време соработува со советот. Претседателката само за три седници е поканета во законскиот рок од седум дена. За три седници, поканата е испратена на 2 дена претходно. Записниците биле усвоени од Советот еден месец по поднесување на барањето за одговорност. По однос на барањето, каде е наведено дека претседателката била под притисок за помилувањата на поранешниот претседател, но и дека успеала да не поткелкне. Била повикана телефонски на средба по интервјуто, но таа кажала дека поради краткиот рок во кој е повикана, не можела да присуствува. Не се наведува кои права биле повредени. Не може да се констатира игнорантен однос кога претседателката на Врховниот суд соработува со советот“, кажа Суроји читајќи го извештајот.

Тања Чачарова-Илиевска претходно побара извештајот на комисијата да се врати на доработка, но немаше доволно гласови „за“.