Американскиот државен секретар Антони Блинкен изрази уверување дека имплементацијата на Договорот за патот кон нормализирање на односите меѓу Косово и Србија ќе ја отвори вратата за признавање на независноста на Косово од петте членки на Европската унија кои не го сториле тоа, пренесува Aljazeera Balkans.
Одговарајќи на прашањето на сенаторот Жан Шахин за тоа дали има напредок во убедувањето на петте земји од ЕУ (Грција, Шпанија, Романија, Словачка и Кипар) да го признаат Косово, Блинкен му рече на Конгресот дека тоа е „прашање на кое се уште се работи“. изразувајќи уверување дека имплементацијата на Договорот ќе доведе до тоа.
„Мислам дека тоа што две земји (Косово и Србија) постигнаа договор, под претпоставка дека ќе го спроведат, ќе ги сврти тие пет земји (ЕУ) кон признавање на (Косово)“, рече Блинкен, пренесува Бета.
Тој изјави дека прашањето за признавање на Косово, за разлика од петте членки на ЕУ, нема да биде актуелно за Србија некое време и додаде дека нормализацијата на односите меѓу двете страни ќе има „многу позитивни ефекти“.
Договор од Охрид
Лидерите на Србија и на Косово во Охрид постигнаа договор дека ќе го спроведат договорот за нормализација на односите меѓу двете страни, оштетени од независноста на Косово во 2008 година. Спонзор на преговорите е Европската Унија, со силна поддршка од Соединетите Американски Држави.
Во текстот на договорот се наведува дека двете страни ќе развијат „нормални, добрососедски односи засновани на еднакви права“, дека „заемно ќе ги признаваат документите и националните симболи, вклучувајќи пасоши, дипломи, регистарски таблички и царински печати“, и дека Србија нема да се спротивстави на членството на Косово во ниту една меѓународна организација.
Исто така, ниту една од страните нема да ги блокира или охрабрува другите да го блокираат напредокот на другата страна на нејзиниот пат кон ЕУ.
Српскиот претседател Александар Вучиќ постојано повторуваше дека нема да ја признае независноста на Косово ниту да прифати членство во ОН. Од друга страна, од Приштина стигнаа пораки дека заедницата на српски општини, на чие формирање инсистира Белград, може да биде дел од конечниот договор само доколку во центарот има меѓусебно признавање.