На што се заснова оваа пресуда – на докази или индиции, дали имаме фер постапка и дали може ваква пресуда да се заснова само на исказ на двајца сведоци Орце и Ана Камчева. Нема никакво вештачење на електронски уред за овој случај, а особено мобилниот на Јовановски, наведе адвокатот Сашко Дуковски, образложувајќи ја жалбата на Бојан Јовановски пред Апелациониот суд.
Поради суштествени повреди и погрешно утврдена материјална и фактичка состојба, одбраната бара првостепената пресуда за случајот „Рекет” да биде укината или случајот да биде вратен на повторно судење.
-Ако ја погледнете пресудата, ќе видите дека не може за сите сведоци да се зема само делот што одговара на обвинителството, а за се останато се вели дека е кажано за да му помогне на обвинетиот, рече Дуковски.
Во однос на сведокот Орце Камчев, Дуковски рече дека е незамисливо човек што дал милион евра да нема статус на оштено лице.
-Будала е Орце Камчев да дава толку пари, кога и сам во еден од пуштените разговори вели: ‘Па нас не нè пушти Катица од притвор, Врховниот суд нè пушти”, кажа адвокатот и потсети дека со начелното правно мислење, многу пред снимките на Камчев со торбата, осомничените во „Империја“ беа пуштени од притвор. Начелното мислење Врховен го донесе на 31 јануари 2019, а земањето пари според Камчев, т.е. снимките со торбата од неговата куќа се од 13.02.2019 година.
Тој посочи дека Орце Камчев е сопственик на Стопанска банка Битола, која е регистрирана за менувачка работа, и чудно е зошто Обвинителството го прифаќа исказот на Орце Камчев дека ги заменил еден милион евра во менувачницата „Бела“, без да приложи потврда за извршената размена.
-Толку искусен, способен и успешен бизнисмен, при своја банка, ќе оди да ги претвара милионските суми денари што наводно ги вадел за да плати наводен рекет за својата слобода од „Империја“, во некоја менувачница „Бела“? И да и плаќа огромна провизија?? Место да извади евра од својата банка?, ја напаѓаше пресудата адвокатот.
Тој праша на кој доказ се заснова оваа пресуда.
-Нема никакво вештачење на електронски уред за овој случај, а особено мобилниот на Јовановски. Иако баравме како одбрана, не ни било дозволено вештачење на тој мобилен. Каде е еднаквоста на оружјата, рече тој, кога три пати предложуваме телефонот и сите уреди да бидат вештачени и три пати бевме одбивани. Минимум триесет пати се потенцира во пресудата дека Бојан Јовановски е со блокирана сметка и без работа кога се зборува за делото перење пари, а потоа за влијание врз Катица Јанева, се вели дека има претпоставено влијание. Полицијата сама без налог, сама си врши идентификација на одземената брендирана облека и очила. Што добивате вие како судои тоа што се одземени 50 пара фармерки со цитирање на модни дизајнери, ништо. Сметам дека не може така да се постапува, рече Дуковски.
Целото ова незаконито водење на постапка и продолжувње на притворот, нагласи Дуковски, предизвика сериозни здравствени последици врз Јовановски, за што ќе бидат доставени материјални докази.
Бојан Јовановски од Основниот кривичен суд е осуден на девет години казна затвор за случајот „Рекет”, дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело”.
Катица Јанева, поради здравствени причини не присуствува на седницата и жалбата ќе биде презентирана од нејзините бранители Дељо Кадиев и Ирена Фрчковска.
Јанева за случајот „Рекет” од Основниот кривичен суд е осудена на казна затвор од седум години за „примање награда за противзаконито влијание” и „злоупотреба на службена положба и овластување”.