Домаќинот Велика Британија сака оваа средба на највисоко ниво да ја искористи да ги убеди седумте водечки економски сили во светот да се договорат за амбициозните климатски цели, кои потоа треба да бидат договорени на глобално ниво на Конференцијата за климатски промени на ОН во шкотскиот град Глазгов, во ноември.
Покрај Велика Британија и САД, во земјите на Г7 се вклучени и Германија, Франција, Италија, Јапонија и Канада.
Белата куќа вчера соопшти дека веќе се дооворени „конкретни мерки“, додава германската агенција.
Шефовите на држави и влади, меѓудругото, денеска планираат да се посветат на чекорите за ограничување на државните субвенции за фосилните извори на енергија, како што е јагленот. САД, Германија, Велика Британија и Канада, исто така, сакаат да им обезбедат на земјите во развој до две милијарди долари за да го забрзаат нивното постепено исфрлање на јагленот од употреба.
Белата куќа, исто така, наведува дека Г7 ќе ги координира нивните климатски цели, така што целта за ограничувањето на глобалното затоплување на 1,5 степени над прединдустриските нивоа, утврдена во Парискиот климатски договор, да остане „на дофат“.
Земјата веќе се загрева за околу 1,2 степени во споредба со прединдустриските нивоа.
Британската Влада доцна синоќа соопшти дека земјите од Г7 планираат секоја година да собираат 100 милијарди долари за финансирање на климатски иницијативи во земјите во развој.
На самитот земјите учеснички за првпат се обврзаа на неутрална клима најдоцна до 2050 година и ветување за посветеност да ги намалат емисиите на штетни гасови за помалку од половина до 2030 година во споредба со 2010 година, соопшти домаќинот, Велика Британија.
Конечната декларација се очекува да биде дотерувана до последен момент, пренесе ДПА.