Доктор Јован Божиновски е именуван за нов вд директор на Универзитетската клиника за неврологија, рече денеска на прес-конференција министерот за здравство Азир Алиу. Оваа промена е важна за клиниката.

Назначувањето следи по разрешувањето на проф. д-р Игор Кузмановски. Посочено е дека Божиновски како нов директор на неврологија треба да донесе нова енергија.

Во врска со објавениот видеоматеријал на 10 октомври со компромитирачка содржина, која според член 111, став 1, точка 4 од Законот за здравствена заштита, а поврзано со предизвикување директна или индиректна штета на јавните здравствени установи, во овој случај нарушување на угледот на институцијата, поранешниот директор д-р Игор Кузмановски во петокот е разрешен и денеска е назначен нов директор д-р Јован Божиновски, специјалист невролог и асистент на Медицинскиот факултет во Скопје, истакна Алиу.

Тој посочи дека завчера имале неколку состаноци и контактирале со Лекарската комора, формирана е комисија од Министерството за здравство, побарано е да биде направен инспекциски надзор во таа институција, а поврзано со тој доктор. Потенцира дека очекуваат извештај од нив, кој ќе биде споделен со јавноста.

Одговарајќи на новинарско прашање Алиу рече дека во телефонскиот разговор со Лекарската комора е информиран дека му е истечена лиценцата на доктор Кузмановски и дека прашањето е дали таа ќе се продолжи.

За продолжувањето и издавањето на лиценци е надлежна Лекарската комора. Ќе чекаме од нив информација. Бараме детален извештај за неговата работата кој ќе биде проверен од МојТермин со Клиниката заедно со директорот, ќе биде проверен до кое ниво, каков тип пациенти има прегледано, кој тип здравствени услуги давал. Баравме и од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) да пристапат и веројатно се веќе таму. Размислуваме да направиме нов модул кој ќе биде поврзан со лиценците и во моментот кога истекува лиценцата да се блокира акаунтот на тој доктор. Тоа произлезе од оваа ситуација, рече Алиу и додаде дека по извештајот ќе се формира стручна комисија.

Одговарајќи на новинарско прашање дали и на други директори на клиники им е истечена лиценца, Алиу рече дека таа матрица на податоци е јавна и нивниот центар за процесирање податоци во текот на денот ќе му даде извештај за тоа колку лиценци се при крај и колку се истечени.

Извор: Република