Да се прати јасна порака со храбра одлука за Западен Балкан за тоа како да се продолжи понатаму после јуни. Крајно време e Северна Македонија и регионот да добијат силна и јасна порака од сите земји членки и институции на ЕУ за почеток на преговорите за членство за да се потврди нивната европска перспектива. Секое натамошно одлагање на почеток на преговорите може да има сериозни безбедносни последици за регионот и за Европа. Ова беа пораките од премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето и на средбите со неговите колеги на форумот „ГлобСек“ вчера во Братислава. Во меѓувреме, Австрија до земјите членки на ЕУ проследила таканаречен „нон пејпер“ кон крајот на мај, во кој се залага за нов пристап кон државите од Западен Балкан, со што би се овозможила „постепена интеграција во ЕУ“.

Ковачевски на панелот „Сега или никогаш: Откривање на европската иднина за Западен Балкан“ во рамки на форумот „ГлобСек“ рече дека ЕУ сега има два проблеми. Едниот се одлуките за Западен Балкан. Ако не се донесе одлука, кредибилитетот и важноста ќе и опадне и во моментот кога тие ќе опаднат, национализмот ќе почне да расте, што е нешто што може да се случи, а ние не сакаме да го видиме тоа.

Од друга страна, наведе Ковачевски, процесот за Молдавија, Грузија и Украина веројатно ќе биде сосема поинаков. Пристапувањето кон ЕУ, потенцира Ковачевски, требаше да биде процес што се заснова на заслуги и државата треба да ги имплементира вредностите на ЕУ, како што се демократијата, економскиот просперитет и социјалната правда. Во нашиот случај, појасни премиерот, 45 проценти од законодавството е усогласено и ако ја споредиме државата со други земји кои веќе преговараат неколку години, тогаш во различни поглавја ние сме многу подобри.

– Проблемот е во тоа што процесот заснован на заслуги е типично политички процес, каде поради начинот на носење одлуки во ЕУ една држава може да го блокира пристапувањето на земја кандидат, што се случува со Северна Македонија во моментот и тоа се прави исклучиво на политички основи и поради политички причини, истакна премиерот, потсетувајќи дека земјава 17 години е кандидат за членство во ЕУ.

Од друга страна, според Ковачевски, имаме нов геополитички развој на настаните и поинаква слика во Европа, каде што ЕУ треба да одлучува за начинот како да го задржи својот кредибилитет и својата важност на Западен Балкан затоа што ако ова е систем заснован на заслуги, а тоа го тврдат сите релевантни претставници на ЕУ, тогаш мора да биде таков принцип и начело за сите земји.

Свесен сум, рече премиерот Ковачевски, дека мора да постои и јасна визија и за Украина и за Грузија и Молдавија, затоа што тие земји и нивните граѓани сакаат да имаат демократско општество и да ја избираат својата иднина како економско просперитетни држави.

На прашање од присутните за тоа што се работи за двонасочен однос на ЕУ и земјите кандидати за членство, што ЕУ направи погрешно и дали е време да се смени овој колективен пристап и да се започне со приспособен пристап кон сите земји поединечно, премиерот Ковачевски оцени дека кога за еден процес е потребно предолго време тогаш довербата во тој процес и кредибилитетот опаѓаат, исто како што опаѓа и важноста на играчите што се вклучени во тој процес.

Тој додаде дека иницијативата „Отворен Балкан“ е практична имплементација и платформа за тоа како да се имплементираат четирите слободи.

Прашан дали ЕУ добро соработува со САД и дали ова партнерство е функционално или само создава проблеми, Ковачевски одговори дека Северна Македонија иако не е членка на ЕУ, целосно ја усогласи својата со надворешната политика на ЕУ, затоа што одлуката е дали сте на вистинската страна на историјата, на страната на демократијата во војна со автократијата.

– САД е стратешки партнер на регионот и на Северна Македонија и тоа е така веќе 30 година во текот на нашата независност, на секое поле на развој на земјата, рече Ковачевски, потсетувајќи дека државите од поранешна Југославија се земји кои претпрпеа дисконтинуитет поради промената на политичкиот и економскиот систем.

На средбата што Ковачевски ја имаше со специјалниот пратеник за Западен Балкан на Обединетото Кралство Стјуарт Пич било потенцирано дека целосно интегриран Западен Балкан не е само политички, безбедносен и економски интерес на ЕУ, туку и геостратешка инвестиција во стабилен и просперитетен регион и дека во таа насока отворањето на преговорите со Северна Македонија е клучно за поттикнување позитивен напредок и за останатите отворени прашања како што се дијалогот Белград–Приштина и ситуацијата во Босна и Херцеговина.

На маргините на форумот, Ковачевски се сретна и со австрискиот канцелар Карл Нехамер, при што било нагласено дека крајно време е Северна Македонија да ги започне преговорите со ЕУ со отворање на поглавјата низ преговорите, и оти секое натамошно одлагање може да има сериозни безбедносни последици за регионот и за Европа.

На маргините на форумот, Ковачевски оствари средба и со неговиот словачки колега Едуард Хегер на која се заблагодари за континуираните изјави на највисоки претставници на Словачка за недвосмислената поддршка за интеграцијата на земјава во ЕУ, каква што беше заедничката иницијатива со Чешка за блокирање на усвојувањето на заклучоците на ЕУ во однос на процесот на проширување со земјите од Западен Балкан што содржат неприфатливи референци за некои историски прашања.

Премиерите Ковачевски и Хегер се согласија дека е крајно време Северна Македонија и регионот да добијат силна, јасна и кохерентна порака од сите земји членки и институции на ЕУ за почеток на преговорите за членство за да се потврди нивната европска перспектива.

Застојот во процесот на пристапување во ЕУ, беше речено на средбата, предизвикува силни безбедносни ризици, и сега е моментот конзистентните напори на Северна Македонија и Албанија да се препознаат од страна на ЕУ со што побрзо започнување на пристапните преговори без одлагање.

Во Шведска пак, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, одржа тет-а-тет средба со шведската министерка за надворешни работи, Анн Линде, на која беше потврдена принципиелната и доследна посветеност на политиката на проширување на ЕУ, преку поставените критериуми и поддршката која ја дава на Северна Македонија на евроинтеграцискиот процес.

– Шведска е една од нашите најголеми партнери која ѝ дава јасна поддршка за европските интеграции на Северна Македонија. Нѐ поврзуваат одлични билатерални односи, одлична соработка и припадност кон исти европски вредности, истакна вицепремиерот Маричиќ.

Во меѓувреме, Австрија до земјите членки на ЕУ проследила таканаречен „нон пејпер“ кон крајот на мај, во кој се залага за нов пристап кон државите од Западен Балкан, со што би се овозможила „постепена интеграција во ЕУ“.

Како што јави Радио Слободна Европа, којашто имала увид во овој документ, во него се наведува дека Австрија смета оти кризата што настана поради руската инвазија врз Украина може да предизвика колатерална штета врз стабилноста на Западен Балкан. Како последица на тоа, Австрија смета дека со тоа конфликтот би можел да се пресели на границите на ЕУ, па и во неа.

– Мораме да размислуваме преку веќе постојните инструменти за проширување и соседство да го искористиме неискористениот потенцијал. На патот кон полноправно членство, треба да создадеме можност овие земји постепено да се интегрираат, се вели во документот.

Во него се наведува дека полната примена на методологијата претставува еден аспект, но, овој инструмент не дава задоволувачки и неопходни одговори на сегашната ситуација.

– Сегашните процедури за проширување во последниве години не дадоа значајни резултати. Тие пред се доведоа до фрустрација и меѓусебно оттуѓување во регионот и ЕУ. Мораме да го премостиме сегашниот ќорсокак, гледајќи на сите опции со отворен ум, се подвлекува во австрискиот документ.

Во него се додава дека Австрија предлага првиот чекор да биде партнерите од Западен Балкан да бидат повикувани редовно на неформалните состаноци на Советот на ЕУ на кои се расправа за заедничките интереси. Во продожение е наведено дека Самит на ЕУ за Западен Балкан треба да се одржува секоја година, и што е можно побрзо да им се одобри статус на набљудувач за земјите од регионот и другите институции на ЕУ.

Австрија во документот предлага и на земјите од Западен Балкан да им се понуди прогресивна интеграција на заедничкиот пазар, инклузија во трговските и даночните политики, како и учество во агенциите на ЕУ и заедничката климатска и енергетска политика.