Дебатата за остварување на правна и судска заштита на животната средина доаѓа во вистински ако не и критичен момент. Додека често слушаме за перење пари или измами при јавни набавки, кривичните дела поврзани со животната средина на разни начини остануваат во сенка, особено во Северна Македонија. Криминалните дела како нелегална сеча или загадување на воздухот претставуваат сериозна закана за вашата добробит и за животната средина на вашата убава земја. Без оглед дали се работи за шумски пожари во Струмица или ураганот Ида во Њујорк, ние денес сведочиме за разурнувачкото влијание од нашите активности врз климата и животната средина.
Ова го истакна амбасадорката на САД во земјава Кејт Мери Брнз на отворањето на еднодневната расправа на Охридската школа на природно право, насловена „Основа на реформата на правниот систем во Република Македонија и еколошката правда“, што се одржа вчера во виртуелен формат.
– За среќа, постојат активности кои може да ги преземеме. Ве повикувам да одговорите користејќи ја вашата креативност истражувајќи ги законите неопходни за гонење на кривични дела од областа на животната средина. Но, изготвувањето закони и реформи не е доволно. Законите мора да бидат имплементирани. Истрагите мора да бидат покренати, а судењата мора да завршат пред судијата поротник да се пензионира или да настапи застареност на делото. Прекршителите мора да одговараат без оглед на политичката припадност или големината на бизнисот. Законските решенија мора да важат за секого, а сите граѓани и бизниси да бидат еднакви пред законот, вели американската амбасадорка.
Сите, без оглед дали живееме во Скопје или Охрид, додава таа, имаме право да дишеме чист и здрав воздух, а законот треба да го поддржи тоа право.
– Работејќи заедно, убедена сум дека Северна Македонија ќе ја продолжи својата реформска приказна за зголемување на транспарентноста, борбата против корупцијата и ставање крај на неказнивоста, штитејќи ги своите граѓани и животната средина, порача амбасадорката Брнз и ги повика студентите и идни судии, обвинители, адвокати да помогнат со својата работа во унапредувањето на владеењето на правото почнувајќи уште од денес, барајќи одговорност од власта и институциите.
На настанот, што беше наменет за студенти по право, експерти и претставници од граѓанскиот сектор, Брнз најави дека САД ќе ја продолжат поддршката за земјава во однос на заштитата на животната средина преку помош во истрагите против нелегална сеча и загадувањето на водите, a најави и доаѓање на американски експерт за судско застапување и закон за животна средина кој ќе предава на Тетовскиот универзитет и на Универзитетот на ЈИЕ.
Конференцијата имаше за цел да го привлече вниманието кон чекорите потребни за остварување на правна и судска заштита на животната средина. Настанот беше организиран од Центарот за стратегиски истражувања при МАНУ, а финансиски поддржан од Амбасадата на САД во Скопје.