Бројот на загинати по двата катастрофални земјотреса e над 17 илјади и се стравува дека бројката ќе биде многу поголема, бидејќи изминаа 72 часа кои се сметаат за клучни во спасувачките мисии по такви природни несреќи. Сепак, спасувачките екипи не се откажуваат од потрагата по исчезнати лица и покрај неповолните временски услови, врнежи, силен ветар и минусни температури.
Најтешко е погоден регионот на Алепо, кој е под контрола на Сириската ослободителна армија и групи кои се противат на Башар ал Асад, што ја отежнува потрагата и ги принудува луѓето сами да се снаоѓаат. Покрај возрасни, спасувачките екипи од под рушевините во изминатите три дена извлекуваат и бебиња, овој пат во Антакија Турција, беше спасенобебето Хелен.
Бебињата пронајдени сами по земјотресот во делови на Турција, се безбедно пренесени во Анкара. Спасувачките екипи изјавија дека чувствуваат мирис на тела додека копаат низ урнатините.
– Дефинитивно очајна ситуација, се надеваме дека долу се уште има живи лица. Повеќето од луѓето што ги најдовме под урнатините беа мртви.
При посетата на еден од погодените региони, Ердоган рече дека илјадници спасувачи се мобилизирани и дека нема да бидат поштедени напори во суровите зимски услови, призна и дека имало извесни пропусти во првичните напори за справување со последиците од земјотресот. Тој денеска ги посети јужните градови Газиантеп, Османије и Килис, кои се наоѓаат во близина на границата со Сирија.
– Не е можно да се биде подготвен за таква катастрофа. Нема да оставиме ниту еден наш граѓанин без грижа. – изјави Реџеп Таип Ердоган- претседател на Турција.
Експертите велат дека еден од клучните фактори во оваа борба за живот е времето, кое е целосно против спасувачките тимови бидејќи температурите често се под нулата. Според нив тоа значи дека е можна и хипотермија и дека луѓето, за жал, исто така умираат поради временските услови.