Бројот на загинати од земјотресот што ги погоди Турција и Сирија надмина 21.700, а бројот може дополнително да се зголеми додека спасувачките тимови пребаруваат низ рушевините на илјадниците урнати згради. Повеќе од 75.000 луѓе беа повредени во двата разорни земјотреси што го погодија регионот во понеделникот.
Оттогаш спасувачите се тркаат со времето, но со секој час се намалуваат шансите да се најдат преживеани под урнатините.
Властите соопштија дека околу 6.500 згради во Турција се урнале, а многу се оштетени во зоната на земјотресот, која погодува околу 13 милиони луѓе.
Можеби до 23 милиони луѓе се погодени, вклучително и пет милиони луѓе од ранливи групи, според Светската здравствена организација (СЗО), која стравува од голема здравствена криза, особено поради ширењето на колерата во Сирија. Стотици илјади луѓе останаа без покрив над главата среде зима.
Жителите на градот Ал – Тул во Сирија, кој беше погоден од земјотресот вчера се соочија со уште една катастрофа. Мораа да го напуштат бидејќи надојдените води на реката Оронтес почнаа да се прелеваат и го поплавија регионот.
Земјотресот е седма најсмртоносна природна катастрофа на векот, после онаа со повеќе жртви од цунамито во Јапонија во 2011 година и е блиску до земјотресот во соседен Иран во 2003 година, кој однесе 31.000 животи.
„Овде има само деца. Ни треба греење и неопходни работи, не можевме да спиеме синоќа бидејќи беше многу студено. Многу е лошо“, изјави за Ројтерс во сириската провинција Идлиб Мунира Мухамед, мајка на четири деца која побегнала од Алепо.
Стотици илјади луѓе низ двете земји останаа без покрив над главата среде зима. Многумина ја поминаа ноќта во импровизирани засолништа на паркинзи на супермаркети, џамии, патишта или меѓу урнатините, често очајнички барајќи храна, вода и топлина.