Поранешниот министер за надворешни работи од СДСМ Никола Димитров, во вечерашното гостување во Тема на денот на ТВ Сител говорејќи за македонско бугарските односи вели дека во Бугарија има консензус околу негирање на македонскиот јазик и идентитет, додека пак владата на СДСМ е многу мека на овие негирања, односно како што рече има автоцензура и внимава што ќе каже и кој чекор ќе го преземе.

-Има консензус во Бугарија околу негирањето на македонскиот идентитет, македонскиот јазик, и ние сме навредени и со право. Но, не беше тоа доволно па уште со вакви имиња на бугарските клубови во Битола и Охрид. А ние сме со автоцензура и внимаваме што ќе кажеме каков чекор ќе направиме, изјави Димитров.

Димитров смета дека уставните измени треба да бидат врзани со членство во Европската унија доколку како што рече тој се однесуваме како држава, а не како нечија провинција, истакнувајќи дека недозволиво е од земја членка на ЕУ да изјавува дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик.

-Јас уште тогаш кажав, за жал и времето целосно ме потврди дека тоа што ќе се случи ќе биде притисокот врз македонската страна и ние ќе бидеме обвинувани бидејќи владата најави и вети нешто кое што не може да го испорача, нема двотретинско мнозинство во собранието. Притоа тоа го направи без да направи определени консултации, потенцираше Димитров.

-Ако се однесуваме како држава, а не како нечија провинција би било тие уставни измени влегувањето во сила да се врзат со членството во ЕУ за да има и бугарската страна некаков интерес ние навистина да влеземе во ЕУ, а и другите членки и институции во Брисел. Второ ако историската комисија се испреплете со европските процеси и ако билатералното прашање стана европска тема, мора и формата да стане европски. Тогаш во комисијата нека влезат европски олеснувачи за малку да се рационализира атмосферата. И конечно трето, оваа навреда од една земја членка дека јазикот ние посиромашен и вештачки и дијалект на нивниот јазик, нека излезат поголемите земји членки па и сите други и нека кажат дека македонскиот јазик е дел од богатството на европски јазици и дека се радуваат на денот кога тој ќе стане еден од официјалните јазици на ЕУ по нашето зачленување, додаде тој.