Следната недела планирам да ги поканам бугарските здруженија на собир, каде што ќе направиме план како да овозможиме бугарската заедница да ја декларира својата припадност, нејзиниот идентитет и културна припадност, да се интегрира во општеството, вели Османи во интервјуто за бТВ
Во однос на спречување на говорот на омраза, Османи вели дека се преземаат неколку мерки во таа насока, како на пример да има посебен обвинител за говор на омраза, народниот правобранител ќе има канцеларија која ќе се фокусира на овие прашања, а во Министерството за односи со заедниците е планирано да има и претставник од бугарската заедница кој ќе го следи говорот на омраза.

Бугарската заедница во Северна Македонија е во период на консолидација и на интегрирање во општеството. Со оглед на фактот дека и јас потекнувам од малцинска група, која на почетокот исто така имаше проблеми со нејзиното обединување и интеграција, се чувствувам најсилно повикан да ја советувам бугарската заедница дека треба внимателно да го направи овој процес, без да предизвика негативни чувства кај останатите, да покаже дека нема злонамерност во иницијативите кои ги покренува. Ние ја охрабруваме бугарската заедница да се обедини во клубови, да отвори повеќе клубови. Но ако мнозинството Македонци се чувствуваат навредени од имињата на бугарските клубови, треба да ја разбереме оваа чувствителност на народот. И верувајте дека тоа е во интерес на бугарската заедница, порачува министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за бТВ.

Османи, заедно со својот бугарски колега Николај Милков, вчера во Софија го посетија нападнатиот македонски државјанин од Охрид, Христијан Пендиков. Двајцата министри повикаа на прекин на насилството и провокациите од двете страни.

Говорејќи за нападите врз бугарските клубови и негативните реакции за нивните имиња во Македонија, како и за усвоените измени во Закон за фондации и здруженија со кои се забранува здруженија и партии да носат фашистички имиња, Османи посочува дека имињата на клубовите се провокација за Македонците и дека бугарската заедница треба да го разбере тоа.

„Очигледно е дека имињата што се избрани, без разлика колку историски и научно ќе ги толкуваме улогите на овие личности во историјата, чувството во поголема мера во Северна Македонија е дека овие имиња се провокации. Ова е доволно. Како што кажав за случајот со Христијан. Не ми е важно што ќе покаже истрагата. Важно ми е што родителот на Христијан вели дека бил нападнат поради неговата бугарска етничка припадност. А мене ова ми е доволно за денес да дојдам во Софија и да испратам порака. Истото треба да го чувствува и бугарската заедница. Не треба да влегуваме во вистинска научна дебата за улогата на овие историски личности. Ако мнозинството Македонци се чувствуваат навредени од ова, да ја разбереме оваа чувствителност на народот. И верувајте дека тоа е во интерес на бугарската заедница“,

вели Османи.

На прашањето на бТВ дали бугарските клубови во Северна Македонија со имињата „Иван Михаилов“ и „Цар Борис III“ треба да ги сменат имињата ако сакаат да продолжат да постојат, Османи посочува:

„Така вели законот. Ќе бидам доследен – јас лично имав дилеми околу ретроактивноста на одредени делови од законот. Но, одлуката на Собранието е таква што имињата не треба да се поврзуваат со периоди како што е фашистичкиот период од Втората светска војна, кои ги повредуваат чувствата на граѓаните. И клубовите ќе мора да го направат тоа. Следната недела планирам да ги поканам бугарските здруженија на собир, каде што ќе направиме план како да овозможиме бугарската заедница да ја декларира својата припадност, нејзиниот идентитет и културна припадност, да се интегрира во општеството. Имам искуство, имам волја и државата има волја да ѝ помогне на бугарската заедница да се интегрира“.

Новинарот на бТВ понатаму во интервјуто му вели на Османи дека бугарската заедница во Северна Македонија тврдела дека е предмет на агресија не само од луѓето на улица, туку и од државните институции. Како пример тој го посочува случајот кога претставници на македонската Комисија за заштита од дискриминација влезе со свои претставници во културниот клуб во Битола „Иван Михаилов“ и беше напишан извештај, кој го потпишал директорот на комисијата.

„Врз основа на оваа пријава, повикан е Љупчо Георгиевски, кој е претседател на културниот клуб и му било објаснето дека можеби ќе биде обвинет за ширење говор на омраза и фашистичка пропаганда. Претседателката на оваа комисија, Весна Бендевска, до пред два месеци на својот Фејсбук профил имаше фотографија од напис од 1944 година, во кој пишува: „Битолчани и битолчанки, поминаа три и пол години откако македонскиот народ беше поробен од трупите на подивениот Хитлер и неговите потчинети – бугарските фашистички окупатори“. Како можат Бугарите да веруваат дека оваа госпоѓа и институцијата со која раководи се непристрасни кон нашите сонародници во Северна Македонија?“,

праша новинарот на бТВ.

На ова, Османи му одговори:

„Не знам дали си бил таму. Кога ќе влезете во битолскиот клуб, на ѕидот има голем плакат со цитат од говор на Иван Михаилов, во кој тој вели: „…т.н. македонски народ“. Ова ги повредува чувствата на македонскиот народ на ист начин како што оваа објава на Бендевска на Фејсбук ги повредува чувствата на бугарскиот народ. И мислам дека е сосема нормално да се чувствуваш навреден ако навистина имало злоба во овој пост. Целта ми е да го прекинам овој циклус, а не да барам кој прв го започнал. Никој не може да им забрани на Бугарите, на бугарската заедница во Северна Македонија, да се дефинираат како Бугари, да се организираат во политички партии, да создаваат клубови, да се интегрираат во системот како Бугари. Верувам дека можеби има дискриминација, не можам да го отфрлам тоа. Бидејќи јас зборувам од моето искуство – истото го кажав и пред 20 години – нема дискриминација кон другите заедници. Но, имаше. Сега нема бидејќи имаше одреден период на вклучување. Тврдам дека нема систематска дискриминација. Во ниту една институција нема политичка одлука со која на институциите им било наложено да ги дискриминираат Бугарите“.

На прашањето дали ќе бидат казнети учесниците на протестите против т.н. француски предлог, кои со своите изјави ги навредувале Бугарите, министерот за надворешни работи вели дека веќе во протоколот што Македонија го договорила со Бугарија, се обезбедени механизми како да се следи јазикот на омразата и како да се преземат мерки.

„На пример, Министерството за надворешни работи е главната точка која ги следи ставовите поврзани со говорот на омраза и веднаш информира. Имаме дури и прецизен механизам кој кого информира за вакви случаи за да се создаде атмосфера на гонење на таквите дејствија. Има и други чекори што ќе се преземат. Од посебен обвинител за говор на омраза за кој сега разговараме со обвинителството. Народниот правобранител ќе има канцеларија која ќе се фокусира на овие прашања, ќе дава препораки и ќе презема мерки. Во Министерството за односи со заедниците планираме да имаме и претставник од бугарската заедница кој ќе го следи говорот на омраза, бидејќи бугарската заедница е можеби почувствителна на овој проблем. Сето тоа се механизми кои ќе почнат и веќе функционираат за да ги прекинат овие процеси. Но, мора да го погледнеме целиот процес – провокациите од двете страни мора да престанат. Но и вие треба да сакате да го спречите овој тренд на доаѓање бугарски политичари во центарот на Скопје, кои го негираат постоењето на цел народ, идентитетот на граѓаните, затоа што тогаш влегуваме во спорот: Кој почна прв? Ајде да го прекинеме тоа денеска“,

порачува Османи.