Подигнувањето на свеста за потребата од заштита на околината од најмали нозе, придонесува за иднината на целата Земја, истакна министерката за образование и наука Мила Царовска на денешниот настан по повод Денот на планетата Земја – 22 април.

– Стекнувањето на основните информации преку конкретни истражувања, односно искуствено научени лекции, се основните предуслови да се осознаат проблемите, но и поголем мотив да се делува во насока на заштитата на животната средина и активно вклучување на младите во сите фази на заштитата. Всушност, во училиште се учи љубовта кон планетата Земја, додаде Царовска.

На настанот, што беше организиран од Министерствата за животна средина и просторно планирање и за образование и наука и Американската амбасада во Скопје, беше најавено повторно активирање на програмата за заштита на животната средина – ГЛОБЕ, а воедно и беше и промовирано ново издание на Водичот за учители, со цел наставниците во училиштата да го обноват и надградат знаењето поврзано со темата за заштита на животната средина и истото соодветно да го пренесат на ученици.

– Задоволство ми е што повторно заедно со нашите партнери ја активираме програмата за заштита на планетата Земја – ГЛОБЕ во чии рамки наставници кои се веќе обучени како тренери во претходни циклуси на обуки поврзани со темата, сега повторно ќе го обноват своето знаење и ќе го пренесат на нивните колеги, а потоа сите заедно ќе ги едуцираат децата како правилно да се однесуваат кон средината во која живеат и со тоа ќе дадат придонес кон глобалната акција за заштита на Земјата, рече Царовска.

Таа потенцираше дека земјава посветува сериозно внимание на тоа да оваа тема допире до најмладите и во таа насока истата ќе се интегрира во сите нови наставни програми кои се изработуваат согласно новата Концепција за основно образование, а воедно наставниците покрај активностите за време на наставата, ќе имаат можност и преку дополнителни воннаставни активности да ја подигнуваат свеста кај младите за заштита на животната средина.

 

– Програмите за прво одделение се веќе донесени по новиот концепт. Благодарение на нашите партнери од УН системот и од МЖСПП ние имаме веќе всадени елементи во самата програма, а истите ќе ги видиме и преточени во учебниците кои ова прашање ќе го адресираат директно и јасно позиционирано за свеста кај нашето население, кое што понатаму треба да бидат продуктивни граѓани, треба да бидат лидери на оваа земја, да имаат однос кон животната средина, нагласи министерката за образование и наука.

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини при обраќањето на обуката посочи дека Програмата ГЛОБЕ е меѓународен проект за заштита на животната средина преку едукација. Комбинира наука, образование и технологија на меѓународно ниво, со учество на околу 38,000 училишта од над 124 земји во светот.

– Посебно би сакал да искажам благодарност на нејзината екселенција Кејт Мари Брнс за дадената поддршка за имплементација на програмата ГЛОБЕ во нашата земја и секако, нејзината посветеност да обезбеди финансиска поддршка за практична обука за нашите учесници во програмата ГЛОБЕ , за да можеме повторно да ја започнеме оваа програма со свеж ентузијазам, знаење и уште поголем успех, потенцираше Нуредини.

Тој истакна дека донациите обезбедени од Амбасадата на САД, како средства за одржување на оваа обука во соработка со Регионалната канцеларија за координација за ГЛОБЕ Европа и Евроазија, се значаен придонес за рестартирање на спроведувањето на програмата ГЛОБЕ.

– Задоволен сум што оваа меѓусебна соработка, посветеност и ентузијазам за придонес кон програмата ГЛОБЕ беше поддржана и од колегите во Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, кои ја разбираат важноста на програмата ГЛОБЕ ширум светот. Ние соработуваме со нив за да ја вклучиме оваа програма во наставните програми на училиштата и да овозможиме постигнување нови успеси и меѓународно признати резултати, посочи Нуредини.

 

Министерот за животна средина и просторно планирање упати благодарност до сите наставници, кои несебично ги поддржуваа своите ученици во овие тешки моменти.

– Фактот дека имаме ваков интерес да учествуваме на оваа обука за време на пандемија, ме уверува дека нашите деца се во добри раце, потенцираше Нуредини.

Американската амбасадорка во земјава Кејт Мери Брнз на обуката истакна дека сега сме на пресвртна точка кога е во прашање нашата Планета и, како што рече, многу е важно кога ќе закрепнеме од Ковид-19 да изградиме позелен и поодржлив свет.

Во Република  Македонија ГЛОБЕ Програмата започна да се имплементира од 24 август 1998 година и досега се вклучени 29 училишта, односно 15 средни и 14 основни училишта од целата територија на државата.

Оваа Програма нуди можности за децата на училишна возраст да научат повеќе за планетата Земја, да добијат основни информации, да ги идентификуваат ризиците по животната средина, да ги разберат, анализираат и да преземат акција.