„Насоките за управување со ризиците поврзани со климатските промени, подготвени во консултација со банкарскиот сектор, ги даваат основните елементи на управувањето со овие ризици. Тие треба да овозможат навремено идентификување и преземање соодветни активности за намалување или ублажување на негативните влијанија, вклучително и воспоставување соодветна организациска поставеност на управувањето со ризиците, за што е потребно јакнење на капацитетите на банките и унапредување на нивните системи“, пишува директорката на Дирекцијата за банкарска регулатива и решавање банки, Фросина Целеска, во својата колумна за билтенот на МБА, истакнувајќи дека изработката на овие насоки е дел од активностите на Народната банка за соодветен придонес кон создавањето зелена економија, што е стратегиска цел на Народната банка.
Целеска дополнува дека Насоките даваат преглед на физичките и транзициските ризици поврзани со климатските промени, нивните двигатели и канали на пренос и нивното влијание врз традиционалните ризици на кои се изложени банките, и тоа кредитниот, ликвидносниот, пазарниот и оперативниот ризик. Разбирањето на ризиците е основен предуслов за нивно соодветно управување коешто е појаснето во Насоките, вклучувајќи ги и предизвиците со кои можат да се соочат банките. Во продолжение таа се осврнува и на меѓународните стандарди и најдобрите практики во оваа област.
Целеска истакнува дека супервизорските и регулаторните органи и институции, вклучувајќи ги и Базелскиот комитет за банкарска супервизија,
Европскиот банкарски орган и Европската централна банка, објавија принципи за управување со ризиците поврзани со климатските промени за соодветна подготвеност на кредитните институции за справување со ефектите од климатските промени врз нивните биланси, според чии примери и Народната банка ги изработи насоките. „Супервизорските и регулаторните органи обрнуваат сè поголемо внимание на обезбедувањето услови за банките правилно да ги разберат, да ги идентификуваат, да ги контролираат и да управуваат со ризиците поврзани со климатските промени на кои се изложени“, наведува Целеска.
Неодамна донесените Насоки за управување со ризиците поврзани со климатските промени се дел од активностите на Среднорочниот план на активностите на Народната банка во доменот на управувањето со ризиците поврзани со климатските промени за периодот 2023 ‒ 2025 година и на заложбите на централната банка за следење на ризиците од климатските промени и поддршка на транзицијата кон зелено финансирање. Насоките се засноваат и на наодите од Анкетата за климатските промени којашто ја спроведе Народната банка, а во која учествуваа сите банки и штедилници во земјата.