Проблемот со личните документи ги седна на иста маса министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу. На средбата присуствуваше и дополнителниот заменик министер за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски.

Во рамките на денешните активности тие разговараа за дел од активностите кои вклучуваат соработка на двете министерства.

Во таа насока одлучено е заеднички да се вложат напори за подобрување на системот за закажување за лични документи, со цел да им се излезе на граѓаните во пресрет и да се забрза овој процес. Исто така, во наредниот период ќе се разгледа можноста за реализирање на пилот-проект кој ќе се спроведе во координација на двете министерства.