Цените на нафтата паднаа на меѓународните пазари бидејќи натамошното зголемување на каматните стапки од страна на централните банки ќе го забави економскиот раст, што ќе ја намали побарувачката за црното злато. Во однос на претходното затворање, цената на барелот на лондонскиот пазар падна за 70 центи, на 82,0 долари. На американскиот пазар барелот се тргуваше по пониска цена од околу 80 центи, по 76,49 долари.
Цените на двата пазари паднаа поради посилниот долар, кој може да ја ослаби побарувачката за нафта со тоа што ќе ја поскапи за оние што користат други валути. Претседателот на американската централна банка Џером Пауел во средата изјави дека американската централна банка дополнително ќе ги зголеми каматните стапки следната година, иако на економијата ѝ се заканува рецесија.
„Цените на нафтата денеска се под притисок бидејќи насоките на ФЕД за монетарната политика ја зголемија загриженоста за економскиот раст, го зајакнаа американскиот долар и ги притиснаа цените на суровините. Економските податоци на Кина за ноември беа многу под очекувањата, што дополнително ги затемни изгледите за побарувачката“, рече Тина Тенг од „ЦМЦ маркетс“.
Утринава, всушност, се покажа дека втората по големина светска економија дополнително ја загубила динамиката бидејќи податоците покажале дека растот на фабричкото производство забавил, а продажбата на мало продолжи да паѓа. Кина е најголемиот увозник на нафта во светот.
Излевање на нафта во Канада
Притисокот врз цените на нафтата дојде и со веста дека канадската „ТЦ енерџи“ продолжува со работа на дел од својот гасовод „Кистоун“, една недела откако истекувањето на повеќе од 14 000 барели нафта во руралните средини на Канзас предизвика затворање на гасоводот.
Падот на цените беше ограничен со проценките на Меѓународната агенција за енергија, која очекува кинеската побарувачка на нафта да закрепне следната година, по овогодишниот пад од 400 000 барели дневно. Во меѓувреме, резервите на сурова нафта во САД се зголемија за повеќе од 10 милиони барели минатата недела, најмногу од март 2021 година, според податоците на американската влада.
И покрај денешниот пад, цените на нафтата се на пат да растат оваа недела и се оддалечија од најниските нивоа во годината, кои ги достигнаа пред една недела. Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) денеска соопшти дека во средата цената на барел од нафтената кошничка на нејзините членки пораснала за 1,63 долари, на 79,97 долари, во споредба со претходниот ден.