Македонија го одбележа Денот на независноста со честитки од Европската Унија, Соединетите Американски Држави, Обединетото Кралство, Руската Федерација, како и од други европски и светски државници.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос на социјалната мрежа „X“ напиша:
„Честитки до народот на Северна Македонија по повод Денот на независноста! Цврсто го поддржувам вашиот пат кон приклучување во Европската Унија. Со вас сме на секој чекор од тој пат“.
Congratulations to the people of 🇲🇰 North Macedonia on their Independence Day!
I strongly support your path towards joining our 🇪🇺 Union.
We’re with you every step of the way. 🤝 pic.twitter.com/j5VarCaM7k
— Marta Kos (@MartaKosEU) September 8, 2025
Делегацијата на Европската Унија во Македонија испрати честитка на македонски, албански и англиски јазик:
„Честитки до сите граѓани на Северна Македонија по повод Ден на независност! Urimet më të mira për të gjithë qytetarët e Maqedonisë së Veriut me rastin e Ditës së Pavarësisë!“
Од Соединетите Американски Држави, честитка упати државниот секретар Марко Рубио. Тој потсети дека оваа година се одбележуваат и 30 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу САД и Северна Македонија.
„Во име на САД, им упатувам честитки на граѓаните на Северна Македонија по повод одбележувањето на 34-годишнината од вашата независност и 30-годишнината од дипломатските односи меѓу нашите две држави. Соединетите Американски Држави го ценат цврстото партнерство на Северна Македонија во унапредувањето на глобалната безбедност и стабилност. Како сојузник во НАТО, посветен на одбраната на мирот и слободата, вашата обврска за зголемување на буџетот за одбрана на НАТО самитот ова лето е доказ за посветеноста на Северна Македонија кон нашите заеднички безбедносни цели. Додека го одбележуваме овој јубилеј во нашите односи, САД остануваат посветени на продлабочување на нашата соработка за зајакнување на колективната безбедност, борба против транснационалните закани и промовирање на просперитет кој создава работни места“, наведе Рубио.
Амбасадата на САД во Скопје на „X“ објави:
„Честит ден на независноста! Оваа година е особено значајна затоа што ја одбележуваме и 30-годишнината од дипломатските односи меѓу нашите земји. Заедно изградивме силно партнерство во дипломатијата, безбедноста, образованието, културата и многу повеќе“.
Во посебна објава амбасадата истакна дека вработените им се приклучиле на членовите на дипломатскиот кор и оддале почит со цвеќе на првиот претседател на Северна Македонија, Киро Глигоров, првиот премиер Никола Кљусев и поранешниот претседател Борис Трајковски.
Британската амбасада во Скопје објави видео во кое амбасадорот Метју Лосон се обраќа на македонски јазик. Тој посочи дека по повод празникот кралот Чарлс Трети испратил писмо со искрени честитки до претседателката Гордана Силјановска Давкова.
„Стратешкото и меѓувладиното партнерство се исто така доказ за посветеноста на двете држави за продлабочување на соработката во областа на надворешната политика, безбедноста и одбраната, особено во рамките на НАТО, борбата против тешкиот и организиран криминал и корупција, соработка во областа на културата и образованието, како и економски раст и просперитет во двете држави,“ изјави Лосон.
Во чест на овој важен државен празник за македонскиот народ Неговото Величевство Кралот Чарлс Трети испрати писмо до претседателката Гордана Силјановска Давкова со искрена честитка по повод Националниот ден 🇲🇰.
🇬🇧🇲🇰 делат силни врски и со нетрпение очекувам понатамошно… pic.twitter.com/xYuaCCB3lL
— MatthewLawsonUK (@MatthewLawsonUK) September 8, 2025
Амбасадата на Руската Федерација во Македонија во честитката порача:
„На сите македонски граѓани од срце им го честитаме државниот празник – Денот на независноста! Посакуваме принципи на сувереноста и самостојноста да бидат патоказ за македонскиот народ во иднина“.