Нетранспарентноста, селективната правда и политичките влијанија во правосудниот систем го поттикнаа Владата да покрене постапка за разрешување на јавниот обвинител, изјави Марија Митева, портпарол на Владата и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, на трибината „Реформи во судството, чекор кон ЕУ“.
Според неа, правосудниот систем во Македонија не успеал да се издигне над политичките притисоци, а клучната причина за тоа е поданичкиот однос на обвинителот кон структурите што го поставиле на функцијата, како и злоупотребата на законите во интерес на одредени поединци и политички кругови.
“Човекот кој треба да ја води борбата против криминалот и корупцијата не го прави тоа, бидејќи е зависен од оние што му ја овозможиле функцијата – СДСМ и ДУИ. Наместо да се спроведува правдата, гледаме нејзина злоупотреба, каде што законот се применува селективно, зависно од тоа што е политички погодно во одреден момент,” истакна Митева.
Насобраните случаи на сомнително постапување, прикривање на незаконски дејства и игнорирање на барањата за одговорност во правосудниот сектор доведоа до конечна одлука на Владата да иницира смена на јавниот обвинител.
“Поради нетранспарентното работење, заштитата на одредени лични и политички интереси, како и целосниот пад на довербата на граѓаните во правосудниот систем, Владата одлучи да го задолжи Министерството за правда да ги започне сите потребни постапки за негово разрешување,” нагласи Митева.
Таа потсети дека уште во предизборната кампања ВМРО-ДПМНЕ најави темелни промени во правосудниот систем и подвлече дека постапките што сега се преземаат се резултат на ветеното.
“Граѓаните не можат повеќе да бидат сведоци на злоупотреба на правосудниот систем во корист на лични, партиски и бизнис интереси. Време е да се стави ред и законот да важи еднакво за сите,” порача Митева.
Според неа, поддршката што Владата ја доби на изборите пред осум месеци е доказ дека граѓаните бараат промени и се согласуваат со чекорите што се преземаат.
“Нашите постапки се оправдани и добиваат поддршка од граѓаните, кои ни ја дадоа довербата за да ја промениме состојбата во правосудството. Доколку продолжиме да работиме во интерес на народот и во согласност со неговите очекувања, шансите за грешка се минимални,” додаде таа.
Интерпелацијата на членовите на Судскиот совет – сигнал за промени
Како дел од реформските чекори, Владата покрена и интерпелација за членовите на Судскиот совет што се избрани од Собранието, што според Митева, ќе биде јасен показател дека судството мора да работи независно и одговорно.
“Ова е важен момент што треба да ги разбуди членовите на Судскиот совет. Никој не смее да се чувствува комотно на функцијата што ја извршува. Единствената сигурност во нивната позиција треба да произлегува од чесно, законско и транспарентно работење, а не од политички договори. Оние што работат во интерес на граѓаните нема од што да стравуваат, но оние кои ги штитат личните и партиските интереси, ќе мора да сносат одговорност,” заклучи Митева.
Според неа, интерпелацијата е само почетокот и јасен сигнал дека Владата е решена да стави крај на судските злоупотреби и политичките влијанија во правосудството.