За жал, фигурите како Додик, ја користат оваа драматична ситуација – да ги подигнат своите влогови во локалните приказни. Ова е само еден инструктивен пример за дестабилизирачките фактори во регионот. За да нема дестабилизација, мора да има сериозни и одговорни политичари, смета универзитетската професорка на Катедрата за теоретски политички науки, д-р Ана Чупеска.
Во интервју за Лидер, Чупеска се осврнува ка воениот конфликт во Украина, кој според неа има специфична историја а целта на Путин е да ја обезбеди Украина како вакум зона одалечена од ЕУ и НАТО.
Тоа што Македонија се најде на руската листа непријателски земји, според Чупеска значи дека сме добиле комплимент за нашето активно учество во овие процеси, во кои ги подржуваме заложбите за мир.
Но, во овој момент мора да се обрне внимание на растечкото антизападно расположение присутно кај граѓаните, кое може да ги заследи посуштински и етничките расцепи па да поттикне и меѓуетничка нетрпеливост, додава Чупеска.
Лидер: Владата на Руската федерација ја одобри листата на странски земји и територии кои преземаат непријателски дејствија кон Русија, нејзините компании и граѓани. На листата со речиси 50 земји се наоѓа и Македонија. Што ќе значи ова за нас?
-Тоа што Северна Македонија е на оваа листа, и е прогласена за непријателска држава на путинистичкиот милитантен империјализам, според тековите на сегашниот развој на цивилизација, значи дека сме добиле комплимент за нашето активно учество во овие процеси, во кои ги подржуваме заложбите за мир. Но, оваа закана , во овој партикуларен момент, не верувам дека би имала поширок обем од “реципрочностa” – затоа што сe што би било повеќе од тоа, би значело и директна конфронтација со НАТО.
Лидер: Објавата на руската амбасада е непристојна и е класична закана, оцени министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Според вас кои се заканите со кои ќе се соочи РСМ?
-Во право е министерот Бујар Османи. Како што кажав и претходно, не верувам дека во официјалните меѓународни комуникации таа закана би се манифестирала повеќе од оквирно да ги наречам – реципрочни мерки, но, сепак, хибрините и сајбер заканите, дезинформациите, регионалните подбуцнувања (на пример преку активација на спијачи во некои од соседните земји ) ќе бидат уште повидливи, во правец на потпалување на атмосферата и со цел да дестабилизираат. Посебно, кај нас, мора да се обрне внимание на растечкото антизападно расположение присутно кај граѓаните, кое недајбоже може да ги заследи посуштински и етничките расцепи па да поттикне и меѓуетничка нетрпеливост. Таа линија на расцеп е мета на пропагандата нарација на овие дестабилизирачки фактори. На тоа мора да се внимава.
Лидер: Дали листата на Путин зад себе носи нов кофликт?
-Се надевам дека не повеќе од тоа што е во тек, а и повеќето меѓународни аналитирачи и експерти ја оценуваат таа можност како минимална, но сепак имам резерва, затоа што, станува збор за состојба на дисторзирана реланост , па дури би рекла и дисоцијативност, во која ја живее Путин во моментов, и секакви предвидувања се неблагодарни. Сепак, важно е да е остане смирен и да се следи ситуацијата внимателно. Како што гледам државниот врв тоа го прави засега добро, Уште повеќе што и за пофалба е иницијативата која произлезе од МНР во врска со нон -паперот испратен до ОБСЕ и EU, со цел да се уверат граѓаните на Русија дека остатокот од Европа и другите не се нивни непријатели, туку дека целта е да се врати мирот и да продолжи взаемната соработка заснована на еднаквост, слобода, правда, почитување на човековите права и пријателски односи меѓу државите.
Лидер: Можна ли е дестабилизација на Балканот?
– Се додека на Балканот сретнуваме лукративен национализам, ќе има и отворена можност за дестабилизација.За жал, фигурите како Додик, и слични на него – ја користат оваа драматична ситуација – да ги подигнат своите влогови во локалните приказни. Па така и тој, самоиницијативо (како што разбрав од медиумите), се јавил кај Лавров да му се додворува веројатно. Имаат тие важна релација, но како и што разговарале остана недефинирано за јавноста. Ова е само еден инструктивен пример за дестабилизирачките фактори во регионот. За да нема дестабилизација, имено, мора да има сериозни и одговорни политичари.
Лидер: Што се крие зад Руско-украинскиот конфликт? Војна во која сите навиваат а двајца војуваат?
-Руско Украинскиот конфликт не е од вчера, тој трае од поодамна и има своја специфична историја. Нивоата на анализа на овој конфликт се неколку -економски, идентитески, геополитички итн. Но, накратко, барањата на Путин се – Украина да биде воено неутрална, да го преземе целосно Крим и да осигура независнот за Донецк и Луганск преку сепаратизам. Вие велите, што се крие зад конфликтот – епа, се крие фактот дека оваа таканеречена “специјална операциjа”- всушност е инвазија. Тоа е агресија врз целата територија и население на Украина (цивили, жени, деца); истата “специјална операција” притоа не е ограничена на тло на локациите кои се наведени како предмет на руски интерес – туку галопирачки се прошируваат. Целта е Украина да стане вакум зона, одалечена од ЕУ и НАТО, за Путин да воспостави целосна контрола врз Украина. За жал, во моментов се случува и хуманитарна катсатрофа, оти жителите на Украина принудени се бегаат од своите домови. Не е попусто поденсена и тужба пред меѓунариодниот кривичен суд за путинистичките злосторства. Се на се, станува збор за уште една трагична епизода на конфликт, која мора да биде завршена што е можно побрзо.