Според податоците пратени до СЗО Европа и Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ), помеѓу 28 јуни и 11 јули 2021, Делта-варијантата била доминантна во повеќето (19 земји) од 28 земји кои регистрираа доволно целосни информации за генетско секвенционирање. Од нив, 68,3 отсто од просечната пропорција на сите откриени изолации на вируси во национална секвенца биле Делта, со што ја надминала Алфа-варијантата, која претходно доминираше во регионот.

Како што е посочено, според тековните трендови, Делта-варијантата ќе стане доминантен сој во следниве месеци на глобално ниво и веќе е регистрирана во речиси сите европски земји. Таа ќе продолжи да се шири и ќе ги истисне од циркулација другите варијанти освен ако не се појави друг понатпреварувачки вирус.

 

Регионалниот директор на СЗО Европа, Ханс Клуге изјави дека сме далеку од прогласување крај на пандемијата.

– За жал, гледаме во многу земји во нашиот регион значаен пораст на бројот на случаи кои имаат врска со ширењето на Делта-варијантата, која е многу заразна. И покрај исклучителните напори на земјите-членки да ги вакцинираат жителите во регионот, милиони се уште се невакцинирани и со тоа тие се во ризик да бидат хоспитализирани, изјави Клуге.

Според него, добрата вест е дека двојна доза од вакцините значително го намалува ризикот на лоша клиничка слика и смрт.

– Ако се повикани, луѓето треба да одат да се вакцинираат, потенцира Клуге.

Директорката на ЕЦДЦ, Андреа Амон вели дека „треба да останаме многу внимателни и многу разумни за да го спречиме ширењето на вирусот“.

Според неа, тоа значи целосна вакцинација со две дози веднаш штом се појави можност, како и физичко дистанцирање, миење раце, избегнување места каде има многу луѓе и носење маска кога е потребно.

– Ова се мерките за кои знаеме дека функционираат за да се заштитиме себеси и другите. Треба да ги сметаме како мерки против „затворање“ бидејќи дејствуваат во спречувањето на ширењето на болеста без да треба да се затвора голем дел од општеството, изјави Амон.

СЗО и ЕЦДЦ ги повикуваат приоритетните групи, постарите, луѓето со хронични болести и здравствените работници да се вакцинираат целосно за да се заштитат себеси, а и луѓето од ранливите категории со кои имаат контакт од заразната болест.

Исто така, се препорачува брза испорака на вакцини до сите групи кои може да се вакцинираат. На места каде Делта-варијантата се шири, се препорачува интензивно спроведување на сегашните здравствени мерки, меѓу кои поголем пристап до тестирање, најмногу бидејќи процентот на вакцинирани се уште не е доволно висок во многу земји.

Според СЗО, бројот на потврдени случаи на Ковид-19 расте низ Европа откако бројот на нови случаи на Ковид-19 постојано се зголемува секоја недела во последниве четири недели. Процентот на заразени расте во секоја возрасна група, но најбрзо меѓу младите на возраст од 15 до 24 години. Бројот се зголемил за пет пати во последниот месец.

Клуге упати јасна порака за земјите во Европа кои ги олеснуваат здравствените мерки.

– СЗО им препорачува на земјите да го зголемат пристапот до бесплатно тестирање, да го прошират секвенцирањето, да воведат карантин за контактите и изолација на потврдени случаи, да се зајакне барањето на контакти за да се прекине синџирот на трансмисија и да се зголеми вакцинирањето на населението кое се смета за ризично, рече Клуге.

 

СЗО Европа има подготвено практични мерки за летниот период за да се намали ризикот за инфекција.

– Патувањето не е без ризик. Патувањето и собирите може да го зголемат ризикот да се заразите и да го ширите Ковид-19. Доколку сакате да патувате, размислете и проценете ги ризиците. Вашата одлука има улога во ставањето крај на пандемијата. Ако сте решиле да патувате или да присуствувате на собири, правете го тоа на безбеден начин, велат од СЗО Европа.

Тие порачуваат да се носи маска, да се мијат рацете и да се држи растојание.

– Проценете го ризикот штом излезете од вашата врата. Штом ја затворите вратата од вашиот дом, до моментот додека ја отворите пак, проценете го ризикот чекор по чекор и преземете ги неопходните мерки за претпазливост. Докажано е дека често миење раце, одржување растојание и носење маска ќе ве заштити, посочуваат од СЗО Европа.

Исто така советуваат да се избегнуваат затворени простори. „Од патувањето, поголема улога има местото. Местата кои се затворени или каде има метеж можат да го зголемат ризикот да се инфицирате со Ковид-19. Бирајте места на отворени, проветрени простории, одржувајте растојание најмалку од еден метар и носете маска, истакнува СЗО Европа.