Железничкиот сообраќај на територијата на Р. Македонија се одвива од далечната 1873 година. Следнава 2023 година ќе одбележиме јубилеј, 150 години железници во Македонија, односно 150 години од пуштањето на пругата Солун – Скопје и воспоставување на железнички сообраќај во Македонија, пишува Игор Коруноски, м-р по технички науки.
Во продолжение неговиот став
Железницата низ историјата во одредени временски периоди одиграла клучна улога во формирањето, градењето и развојот на македонската држава. Така на пример за време на втората светска војна железницата и железничките работници имале активно учество во ослободителното движење на Македонија, а подоцна и во економскиот развој на државата. Во тоа тешко време всушност се направени и најголемите чекори за изградба на железничка мрежа во Р. Македонија. Во тој период во 1926 година е изградена пругата Велес – Кочани, во 1931 година Прилеп – Битола, во 1936 година Велес – Прилеп, во 1952 година Скопје – Гостивар, во 1956 година Куманово – Бељаковце, во 1957 година Бакарно гумно – Сапотница, во 1969 год. Гостивар – Кичево со крак Зајас – тајмиште и последно во 1981 година скопскиот железнички јазол и новата патничка станица Скопје.
Но сега сме на крајот од 2022 година. Време на нови предизвици и нови околности. Денес Република Македонија веќе 31 година е самостојна, независна држава. Се поставува прашањето: Што ние како нови генерации кои работиме и создаваме во слободна, независна, самостојна држава, успеавме да направиме за подобрување и унапредување на железничкиот сообраќај во Р. Македонија? Дали изградивме километар плус нова пруга од онаа што ја изградиле нашите предци? Одговорот е не. Реалноста е сурова и поразителна за сите нас. Нашите предци во многу потешки услови од сегашниве успеале да градат железничка мрежа, а ние не само што не изградивме нови пруги, туку дозволивме и постоечките да ги уништиме. И за тоа виновникот не треба да го бараме од надвор, виновни сме сите ние кои живееме, работиме и создаваме во оваа држава. Денес во 21 век имаме руинирани нефункционални пруги, застарен возен парк, маратонско доцнење на возовите, укинати железнички линии без меѓународно железничко поврзување. Денес сме слепо црево на балканот. Наместо да станеме држава со технолошки развиена и усовршена железница, ние станавме железнички изолирана земја. Замислете пред 150 години можело да се патува со воз од Скопје до Солун, а сега во 21 век тоа е невозможно.
Од друга страна да не одиме подалеку, да видиме како соседните држави напредуваат во железничкиот сектор. Еве на пример во соседна Србија, постојано слушаме за нови проекти во железницата, за изградба на брзи пруги, набавки на брзи возови, скратување на времето на патување, подобрување на железничките услуги, интегрирање со железничка Европа итн. Додека тие одат напред, ние стоиме во место.
Како да се подобри оваа ситуација во интерес на стабилен железнички сообраќај и задоволни корисници на железнички услуги? Како до современи, квалитени и ефикасни македонски железници?
Ако сакаме да останеме и живееме во оваа наша Македонија мораме да се надминеме себеси, да ги засукаме ракавите и да тргнеме од негде. Ваквата коматозна состојба не нè води кон прогрес. За континуиран развој на железничкиот сообраќај и подобрување на железничките услуги, потребен е консензус за изработка на државна стратегија за развој на железничкиот сообраќај во Р. Македонија. Стратегија од која нема да има отстапување, без разлика кој е на позиција да одлучува за иднината на државата. Потребно е отворање на широка дебата на која стручни лица ќе дадат препораки за подготвување државна стратегија која ќе обезбеди ефикасен и сигурен железнички систем за превоз на патници и стока. Развојот на железницата е значаен и има директно и индиректно влијание на економскиот развој на Р. Македонија. Зголемена безбедност, зголемен квалитет на сообраќајните услуги, интеграција во транспортниот систем на Европска унија, економски раст низ ефикасен и евтин транспорт и заштита на животната средина се придобивки кои треба да бидат резултат на таа стратегија. Во таа дебата со свои идеи и предлози секако потребно е да се вклучи и бизнис секторот како крајни корисници на железничките услуги. Целта на ЕУ е единствен транспортен пазар на кој нема да постојат граници за железничките оператори.
Железницата е еден од најсложените инфраструктурни системи, нејзиното значење треба да го сфатат сите оние кои одлучуваат за иднината на оваа држава и да се има волја за нејзино помагање. Но за тоа се потребни стручни лица кои ќе имаат можности да носат вистински одлуки без мешање на политиката. Неопходна е подобра организација на работите во која главен адут се човековите ресурси. Потребни се млади стручни кадри кои ќе го превземат товарот и со истите идеали како нивните предци, кои ги граделе пругите, ќе одат напред кон модерни и современи македонски железници, затоа што македонските граѓани го заслужуваат тоа.